Извештај на ОБСЕ: „Масивно“ прекршување на човековите права во Белорусија


Луѓе затворени за време на протестите покажуваат како биле третирани во затворот „Окрестина“ во Минск

Организацијата за безбедност и соработка во Европа вели дека има „огромни докази“ дека резултатите од претседателските избори во Белорусија на 9 август биле фалсификувани и дека биле извршени „систематски“ повреди на човековите права од страна на безбедносните сили на земјата, како одговор на мирните демонстрации што ги предизвика гласањето.

Во извештајот на 58 страници што го виде РСЕ и треба да му се претстави на Постојаниот совет на ОБСЕ на 5 ноември, главниот автор и австриски професор по меѓународно право Волфганг Бенедек забележува дека имало „очигледни недостатоци“ на изборите, за кои вели дека не успеале да ги исполнат „основните барања утврдени врз основа на претходниот мониторинг на изборите“.

Тој додава дека „тврдењата дека претседателските избори не биле транспарентни, како и ниту слободни, ниту фер, биле потврдени“.

Покрај тоа, обвинувањата поврзани со кршење на човековите права „се покажа дека се масивни и систематски и докажани без сомнение“.

„Особено загрижувачки е што добро документираните случаи на тортура и лошо постапување при насилството од страна на безбедносните сили за политичкото несогласување сè уште не резултираа на одговорност од никој, што ги потврдува наводите за општа неказнивост, исто така поради отсуство на фер судење во политички случаи“, рече Бенедек во извештајот.

Масовните демонстрации ја зафатија целата земја по спорните избори, предизвикувајќи притисок врз Александр Лукашенко, кој владее 26 години и ги отфрла обвинувањата дека убедливата победа била наместена.

Минатата недела, Лукашенко ја заостри контролата врз Белорусија со делумно затворање на границата кон запад, го смени неговиот министер за внатрешни работи и им сигнализираше на безбедносните службеници дека треба да ја интензивираат акцијата против демонстрантите.

Тоа не успеа да спречи десетици илјади да маршираат во Минск на 1 ноември, а полицијата се спротивстави на тоа со истрели со предупредувања во воздух, со употреба на шок бомби и апсење на околу 300 лица.

Извештајот на ОБСЕ тврди дека главната цел на акцијата на Лукашенко била „да ги казни демонстрантите и да ги заплаши нив и потенцијалните други демонстранти“.

На протестите во неделата беа уапсени повеќе од 300 лица

Извештајот додава дека правниот систем на Белорусија денес може да се карактеризира како заснован повеќе на „владеење со закон отколку на владеење на правото“ и се заклучува дека слободи на медиуми, собири и здруженија и правото на слобода и безбедност како и безбедноста на новинарите, се „под масовен напад“.

Извештајот за состојбата во Белорусија се појави откако 17 земји-членки на ОБСЕ го активираа таканаречениот „Московски механизам“ за да ги испита наводните повреди на човековите права во Белорусија.

Механизмот им овозможува на група од 10 или повеќе земји-членки да воспостават мисија на експерти за да разгледаат закани за заложби за човекови права во земјите кои припаѓаат на организацијата.

На Бенедек, кој исто така беше автор на извештајот на ОБСЕ во 2018 година за наводни повреди на човековите права во Чеченија, му беше одземена визата за патување во Белорусија, откако владата во Минск не виде „валидни причини“ за започнување на „Московскиот механизам“. Тврдењето е изнесено во писмена изјава што е вклучена во последниот извештај на ОБСЕ.

Бидејќи не можеше да истражува на теренот, Бенедек мораше да собере докази и да спроведе интервјуа преку Интернет, и добиповеќе од 700 пријави.

Неговите 65 препораки до белоруските власти наведени во извештајот вклучуваат откажување на резултатите од изборите на 9 август и организација на ново гласање во согласност со меѓународните стандарди. Сите политички затвореници и новинари приведени во оваа акција треба да бидат ослободени, додава тој.

Извештајот, исто така, препорачува меѓународната заедница да ги изведе „извршителите на тортура и нехуман третман меѓу белоруските безбедносни сили и нивните одговорни претпоставени пред лицето на правдата каде и да е можно“.

Се повикува на создавање на независно меѓународно тело за спроведување на „длабинска истрага“ за кршењето на човековите права во контекст на претседателските избори. (РСЕ)