Изречена пресудата за новинарот Чурувија: Виновниците добија вкупно 100 години затвор


Изречена пресудата за новинарот Чурувија: Сите обвинети прогласени за виновни
Специјалниот суд ги прогласи за виновни за убиството на сопственикот и новинарот на „Дневен телеграф“ Славко Чурувија, на 11 април 1999 година, четворицата обвинети припадници на ДБ. Специјалниот суд, во петок, ги осуди на казни затвор од по 30 и 20 години, четворицата припадници на Ресорот за државна безбедност. Убијците на Чурувија се осудени на вкупно 100 години затвор.
Пресудата за убиството на Славко Чурувија е изречена на тогашниот шеф на Ресорот на државна безбедност Радомир Марковиќ, на тогашниот шеф на белградскиот центар за државна безбедност Милан Радојниќ, кои добија по 30 години затвор, а припадникот на тој центар Ратко Ромиќ како и Мирослав Курак, на кого поради бегство му се суди во отсуство, добија по 20 години затвор.
На оваа одлука на судот, право на жалба пред Апелациониот суд имаат и обвинителството и одбраната.
Радомир Марковиќ и Милан Радоњиќ се товарат за кривично дело „поттикнување на тешко убиство“, а Ратко Ромиќ и Мирослав Курак за „тешко убиство и соизвршителство.
Обвинителството за организиран криминал му предложи на судот во својот завршен збор да ги осуди сите четворица обвинети на максимални 40 години, додека нивните бранители бараа ослободителна пресуда.
Обвинителството смета дека налогодавец на убиството е „тогашниот државен врв“, а обвинетите се извршители.
Од друга страна, ставот на одбраната е дека во оваа постапка „му се суди на едно време“, дека нема докази против обвинетите и дека на обвинителна клупа  не седат извршителите на убиството.
Во текот на повеќегодишната доказна постапка во овој процес испитани се повеќе од 100 сведоци.
Некогашниот командант на Единицата за специјални операции Милорад Улемак беше клучен сведо во оваа постапка, затоа што по неговото сведочење пред Обвинителството за организиран криминал, во јануари 2013 година покрената е официјална истрага, кога се уапсени и Радоњиќ и Ромиќ.
Улемак во најчуваниот затвор во земјата викан „Алкатраз“ служи казна од 40 години затвор поради низа убиства и други кривични дела.
Обвинетиот Радомир Марковиќ служи казна затвор од 40 години, а мирослав Курак е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.
Милан Радоњиќ и Ратко Ромиќ од јули 2017 година се во куќен  притвор со електронски надзор, бидејќи претходните три и пол години ги поминаа во притвор во Окружниот затвор во Белград.
Според обвинението, Чурувија на 11 април 1999 година го убил Мирослав Курак, а соучесник му бил Ратко Ромиќ, кој со дршката од пиштолот ја удрил по глава партнерката на Чурувија, Бранка Прпа.
Како што се наведува во обвинението, Чурувија е убиен поради „јавно истапување во земјата и во странство и критика на носителите на политичката власт, можност да влијае на јавното мислење и делување на опозициските сили, поради зачувување на постоечката власт“. Убиен е на Велигден, на 11 април 1999 година, во влезот на зградата во која живеел.