Израелските клубови имаат посебно барање до УЕФА – вистински преседан во фудбалот


Израелските фудбалски клубови Макаби Тел Авив и Макаби Хаифа побараа од УЕФА да ги одложи претстојните европски натпревари поради добро познатите настани на Блискиот Исток деновиве.

Клубот од Хаифа игра во Лигата на Европа во групата Ф и побара од УЕФА да го одложи третото коло во кое му гостува на шпански Виљареал. Истото го побара и Макаби од Тел Авив, кој игра во Конференциската лига, а кој во третото коло треба да му гостува на украински Зори.

Двата меча се закажани за 26 овој месец.

„Го инициравме барањето за одложување поради војната што моментално се води во Израел. Ова е најмалку што УЕФА може да направи за нас во овој момент, во овие тешки времиња, кога многу наши луѓе се на бојното поле“, се вели во соопштението потпишано од двата клуба.

 Додаваат и дека имаат поддршка од Фудбалскиот сојуз на Израел, а дали УЕФА ќе излезе во пресрет останува да видиме. Нема сомнеж дека исполнувањето на ова барање би создало вистински хаос во календарот, кој и онака е пренатрупан со бројни натпревари и обврски кои ги имаат клубовите во текот на сезоната.