Израелски министер повика повторно да се воведе карантин

Израел

Израелскиот министер за енергетика, Јувал Штајнц, кој е близок до премиерот Бенјамин Нетанјаху, денеска повика повторно да се воведе карантин за да се спречи заразата со корона вирусот да излезе од контрола.

– Верувам дека сега мора да преминеме на карантин, рече Штајнц во интервју емитувано на „Енет“, онлајн верзијата на израелскиот најпродаван весник „Једиот Ахронот“.

– Карантин од 10 до 20 дена… Карантин што дише… Одите на работа, во супермаркет и во аптека, но не на места за забава, рече тој.

– Зошто? Пред се, веројатно ќе дојдеме до тоа. Значи, подобро порано од подоцна, истакна Штајнц, додавајќи дека сегашната суспензија на летовите до и од Израел поради загриженоста од коронавирусот ќе биде далеку поштетна за економијата на земјата отколку привремено затворање локални бизниси како што се барови.

Иако вкупниот број на жртви – 362 – е релативно низок, бројот на новозаразени во Израел почна да излегува од контрола, коментираат локалните медиуми.

Израел вчера регистрира 1.151 нови случаи за еден ден, откако во петокот постигна рекорд со 1.464 случаи. До утрово се потврдени 18.300 активни случаи на коронавирус, од кои 151 се во сериозна состојба, додека 47 се на респиратори.