Израелската војска потврди дека погодила амбулантно возило во Газа
Израелската војска ја презеде одговорноста за нападот на амбулантно возило во северниот дел на Појасот Газа. Во соопштението на Израелските одбранбени сили (ИДФ) се вели:
„Терористичка ќелија на Хамас беше идентификувана како користи амбулантно возило. Како одговор, авион на ИДФ ги погоди и неутрализираше терористите на Хамас, кои оперираа во амбулантското возило.
Нагласуваме дека оваа област во Газа е воена зона. Цивилите постојано се повикуваат да се евакуираат на југ за своја безбедност“.
Палестинската Црвена полумесечина (ПРЦС) претходно тврдеше дека израелските сили извршиле воздушен напад врз група возила на брза помош, од кои едното припаѓало на ПРЦС.
Портпаролот на ПРЦС, Мохамед Абу Мусбах, изјави за Ал Џезира дека влезот на болницата Ал-Шифа е „екстремно преполн“. Предниот двор во близина на влезот на болницата е „исполнет со цивили“, рече тој.
Тој изјави за медиумот дека возачот на брзата помош и член на персоналот на ПРЦС, кој ги придружувал ранетите, „преживеале“, но дека еден од нив се здобил со рани од шрапнел во ногата.
Со нив во возилото беше и една пациентка која сега е во „тешка состојба и е вратена во болницата Ал-Шифа“, додаде тој.