Израел во уставна анархија по оставката на спикерот на парламентот


Спикерот Јули Еделштајн поднесе оставка само за да го зачува на власт премиерот Бенјамин Нетанјаху што е можно подолго

Ерусалим – Спикерот на израелскиот парламент, сојузник на премиерот Бенјамин Нетанјаху, поднесе оставка во средата, заострувајќи ја битката со Врховниот суд во врска со загриженоста дека демократијата може да биде жртва на кризата со корона вирусот.

Оставката на Јули Еделштајн може да ги олесни плановите на опозицијата за брзо законодавство со кое ќе му забрани на Нетанјаху, како обвинет во три случаи на корупција, да формира нова влада по изборите на Израел на 2 март.

Еделштајн, член на десничарската партија Ликуд на Нетанјаху, најави дека се повлекува во говор пред парламентот, обвинувајќи го судот за „грубо и арогантно мешање“ во законодавни работи, кој наложи да се закаже гласање за позицијата спикер на седница на Кнесетот во средата.

Во пресметката со судот, Ликуд застана зад Еделштајн дури и кога правниот советник на парламентот официјално го информираше дека ја крши пресудата, и покрај неговата оставка – истакнувајќи дека таа стапува во сила дури за 48 часа.

„Те поздравуваме, Јули“, објави Ликуд на Твитер.

Бидејќи противниците на Нетанјаху, предводени од центристичката партија Сино и бело на Бени Ганц, има мало мнозинство во парламентот по националните избори, Еделштајн најверојатно ќе ја загубеше функцијата ако се одеше на гласање.

Откако објави дека се повлекува од функцијата, Еделштајн ја одложи седницата на парламентот до понеделник. Групи за граѓански слободи соопштија дека ќе побараат од Врховниот суд да го држи Еделштајн одговорен за постапката.

Еделштајн, дисидент во поранешниот Советски Сојуз кој лежел во затвор, ја наведе кризата со корона вирусот и повикот на Нетанјаху за „национална влада за итни случаи“ со Ганц за одложување на гласањето за местото на спикерот.

Во пресудата од понеделникот, главната судијка Естер Хајут рече дека образложението на Еделштајн „ги поткопува основите на демократскиот процес“.

Нетанјаху во моментов е в.д. премиер, а неговите критичари го обвинија дека за време на корона вирусот се врти кон автократија, тврдење што тој го негира.

Владата донесе прописи за вонредни состојби, дозволувајќи ѝ на антитерористичката агенција Шин бет да ги следи податоците за локацијата на мобилните телефони, за да ги предупредат луѓето кои биле во близина на носители на Ковид-19. (Ројтерс)