Израел удри во една од најголемите станбени згради во Рафа


Израел денеска удри во една од најголемите станбени згради во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, интензивирајќи го притисокот врз последната област од енклавата во која сè уште не се влезени израелски војници и каде што се засолниле повеќе од милион раселени Палестинци.

Дванаесеткатницата била оштетена во израелскиот напад, а локалните жители велат дека десетици семејства останале без станови. Засега нема извештаи за жртви.

Израелската армија објави дека го гаѓала станбениот блок, бидејќи Хамас го користи за планирање напади врз Израел од таму.

Израел предупреди дека има намера да спроведе повеќе акции во областа, која ја смета за последно упориште на Хамас.

Израелските напади ја втурнаа Газа во уште подлабока хуманитарна катастрофа. 

Во говорот одржан денеска по повод одбележувањето на Денот на мачениците и ветераните на Египет, претседателот на таа земја Абдел Фатах ал Сиси рече дека трошоците за обнова на уништената Газа би можеле да надминат 90 милијарди долари.

Поголемиот дел од оваа крајбрежна енклава до денес е претворен во урнатини, а повеќето нејзини жители се раселени. ОН предупредија на ширење на болести и глад што ги погодуваат цивилите.