Израел штотуку го затвори полето за гас во близина на Газа. Еве зошто тоа е важно

Полето Тамар, кое се наоѓа на 15 милји од јужниот брег на Израел, задоволува 70 отсто од енергетските потреби на Израел за производство на електрична енергија


 

„Шеврон“ во понеделникот соопшти дека затворил наоѓалиште на природен гас во близина на брегот на Израел по налог на локалните власти, два дена откако милитантите на Хамас го започнаа својот смртоносен напад врз земјата.

Полето Тамар, кое се наоѓа на 15 милји од јужниот брег на Израел, задоволува 70 отсто од енергетските потреби на Израел за производство на електрична енергија, според американската енергетска компанија.

Продолженото исклучување може да доведе до пад на извозот на израелски гас за неговите соседи, Египет и Јордан, како и да го притисне и онака тесниот затегнатиот пазар на гас.

Засега, „Шеврон (Chevron) продолжува да ги снабдува своите клиенти во Израел и регионот со гас од поголемата платформа Левијатан.

„’Шеврон’ е фокусиран на безбедно и сигурно снабдување со природен гас во корист на израелскиот домашен пазар и нашите регионални клиенти“, рече портпаролот на „Шеврон“, Сали Џонс во соопштение. „Наш врвен приоритет е безбедноста на нашиот персонал, заедниците во кои работиме, животната средина и нашите капацитети“.

Џонс вели дека „Шеврон“ добил „инструкции“ од израелското Министерство за енергетика да го запре производството на платформата Тамар.

Исклучувањето доаѓа додека Хамас продолжува да истрелува ракети од Газа кон Израел и додека Израел ја засилува својата одмазда за смртоносниот напад од Хамас изминатиот викенд.

Платформата Тамар е во домет на ракетен истрел од Газа, пренесува Ројтерс.

Напрегнатиот глобален пазар

Затворањето на Тамар доаѓа токму кога во земјите од северната хемисфера наближува зимата, кога побарувачката за природен гас за загревање на домовите се зголемува.

Цените на фјучерсите на холандскиот преносен механизам (Dutch Title Transfer Facility) – Европската берза за гас – скокнаа за 12 отсто во вторникот и достигнаа речиси 49 евра (52 долари) за мегават час. Тие се зголемија за вкупно 29 отсто од петокот, последниот трговски ден пред Хамас да го започне својот невиден напад врз Израел.

Сепак, цените се далеку под нивните нивоа ова време минатата година, кога достигнаа 169 евра за мегават час, бидејќи Европа излезе од нејзината енергетска криза предизвикана од војната на Русија во Украина.

Аналитичарите во енергетската консултантска куќа „Вуд Мекензи“ го припишуваат растот на цените од петокот најмногу на расплетот на конфликтот во Израел.

Аналитичарите на Голдман Сакс сметаат дека затворањето на Тамар „придонесе“ за растот на европските цени на гасот.

„Во иднина, доколку тековните настани еволуираат во поодржливо заострување на глобалните биланси на ЛНГ, ова ќе ја намали способноста на европските пазари на гас да се справуваат со други непредвидени настани, како што се скокови на студено време или други нарушувања во снабдувањето“, напишаа тие во белешката во понеделникот.

Но, Симоне Таљапитра, виш соработник во тинк-тенкот Бригел, укажува на два фактори за кои верува дека се поважни за зголемување на европските цени.

Едниот е привременото затворање на гасовод во Балтичкото Море, а другиот е планираната индустриска акција на работниците за течен природен гас (LNG) во Австралија, изјави тој за Си-Ен-Ен.

Во неделата, финскиот оператор за пренос на гас објави дека го затворил клучниот гасовод во Балтичкото Море кој пренесува гас меѓу Финска и Естонија поради сомневање за истекување. Потоа, во вторникот, „Шеврон“ соопшти дека добил известување за штрајкови од некои работници во два од нејзините капацитети за ЛНГ во Австралија.

Доколку штрајковите, закажани за крајот на овој месец, продолжат, тие ќе го нарушат производството на локациите на „Шеврон“ Витстон и Горгон, кои сочинуваат околу 7 отсто од глобалното снабдување со ЛНГ, според „Вуд Мекензи“.

Долготрајното исклучување на Тамар може да придонесе за раст на цените на гасот во Европа, рече Таљапитра, бидејќи може да го принуди Израел да набавува гас од глобалниот пазар, поттикнувајќи ја конкуренцијата за извоз.

„Тоа може да изврши нагорен притисок врз цената на гасот во Европа“, рече тој.

Сепак, сè на сè, последиците за глобалниот пазар на гас ќе бидат „многу ограничени“, додаде тој, бидејќи Израел не е главен снабдувач.

Јордан во ризик

Понепосредното влијание на исклучувањето на Тамар ќе се почувствува директно на левата и десната страна на Израел – неговите соседи Јордан и Египет, кои увезуваат 7 отсто и 4 отсто од вкупното снабдување со гас од платформата, соодветно, според „Вуд Мекензи“.

Иако платформата Левијатан го сочинува најголемиот дел од вкупното снабдување со гас на Јордан, продолжениот прекин во Тамар би можел да го принуди Израел да го пренасочи гасот за Јордан произведен во Левијатан на неговиот домашен пазар, изјави за Си-Ен-Ен Мартијн Марфи, главен аналитичар во „Вуд Мекензи“.

И според Зонгчианг Луо, висок аналитичар за природен гас во „Ристад енерџи“, гасното поле Левијатан има „ограничен капацитет да го зголеми производството за да компензира“ за загубата на производството во Тамар.

За Египет, продолженото затворање на Тамар, исто така, ќе ја намали способноста на земјата да го зголеми извозот на ЛНГ и да „заработи клучна цврста валута“, рече Марфи.

Египет произведува многу сопствен природен гас покрај увозот и преработува дел од него во ЛНГ за транспорт во странство.

Луо забележува дека извозот на ЛНГ од Каиро веќе е намален за околу половина во текот на првите девет месеци од годината, во споредба со истиот период во 2022 година.

„Овој пад може да се припише на зголемената локална потрошувачка на гас во Египет, поттикната од порастот на домашната побарувачка во текот на летните месеци“, рече тој.

Меѓународната агенција за енергетика очекува побарувачката за гас во Египет да расте во просек за 3,6 отсто годишно.

„Ова зголемување на домашната побарувачка за гас ги загрозува амбициите за извоз на ЛНГ на Египет и ја нагласува потребата за увоз на гас преку гасоводот од Израел“, се вели во извештајот на агенцијата во вторникот. (Си-Ен-Ен)