Израел се подготвува за напад од Иран, САД му даваат воена поддршка


Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска имаше втор телефонски разговор за три дена со министерот за одбрана на Израел Јоав Галант, соопшти Пентагон.

Двајцата разговараа за „итните регионални закани и ја повторија непоколебливата поддршка на САД за одбраната на Израел“.

„Секретарот Остин јасно стави до знаење дека Израел може да смета на целосна американска поддршка за одбрана на Израел од какви било напади од Иран и неговите регионални застапници“, се вели во соопштението кое го пренесува „Тајмс од Израел“. 

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека САД и другите сојузници му дале на Израел „нови способности“ да се брани од потенцијален ирански напад, како и да одговори на него.

– Внимателно го следиме планираниот напад на Иран и неговите поддржувачи против државата Израел. Во последните денови ја зајакнавме нашата воздушна одбрана и нашата офанзивна низа, се вели во изјавата на Галант, пренесува „Тајмс од Израел“.

– Додадовме нови способности, на копно, во воздух, на море, во разузнавањето, во државата Израел и заедно со нашите партнери, предводени од САД, рече тој.

– Иран е терористичка држава, светот е изложен на неа сега повеќе од кога било. Ние сме решени да ги заштитиме нашите граѓани од овој тероризам и ќе најдеме начин да одговориме на него, нагласи Галант.

Тој додаде дека израелските цивили треба „да ги следат упатствата на ИДФ и да дејствуваат во согласност со директивите на командата на Домашниот фронт“.