Израел: И Ганц и Нетанјаху прогласија победа на изборите

Според излезните анкети од денешните парламентарни избори во Израел, партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху и ривалската Сино и бело на Бени Ганц се многу блиску со  резултатот и во овој момент е тешко да се утврди која е во предност.

И Нетанјаху и Ганц прогласија победа на изборите.

-Победивме! Израелската јавност го кажа своето, се вели во соопштението на партијата Сино и бело, за која две од три излезни анкети покажаа дека освоила повеќе места во парламентот од конзервативната Ликуд на Нетанјаху.

Меѓутоа, според податоците од третата излезна анкета, двете страни се изедначени.

Од друга страна, Нетанјаху во соопштение наведе дека десничарскиот блок, предводен од Ликуд остварил „чиста победа”.

-Ќе почнам да формирам десничарска влада со нашите природни партнери уште оваа ноќ, изјави Нетанјаху.

Две излезни анкети предвидуваат дека десничарските партии заедно имаат повеќе од 60 од вкупно 120 места во парламентот, додека третата анкета наведува дека овој блок ќе биде изедначен со партиите од левиот центар, блиски до Ганц.