Израел ги менува плановите за инвазијата, ракета погоди православна црква во Газа

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, допатува на египетската страна на преминот Рафа за да ја надгледува испораката на помошта за енклавата


Урнатините на Газа

 

Соединетите Држави извршија притисок врз Израел да ги ограничи цивилните жртви во копнената операција на Појасот Газа за уништување на Хамас, што предизвика големи промени во плановите за операцијата, изјавија за Блумберг високи израелски претставници.

Првично, израелските одбранбени сили (ИДФ) требаше да изведат операција со „координирани воздушни, морски и копнени напади“, но по посетите на земјата на американскиот претседател Џо Бајден, државниот секретар Антони Блинкен и шефот на Пентагон, Лојд Остин, ќе биде многу поразлично од првичните планови, велат извори. Според нив, операцијата може да започне подоцна и да трае подолго.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска ја посети египетската страна на граничниот премин Рафа со Газа за да ги надгледува подготовките за испорака на помош во енклавата под контрола на Хамас. Товарните авиони и камиони носат помош до преминот со денови, но досега не е доставена до Газа.

Во четвртокот вечерта израелска ракета ја погоди грчката православна црква во Газа, каде има повеќе загинати.

Улогата и влијанието на САД врз Израел во оваа војна против Хамас ќе бидат посилни од било кое време во минатото. Во исто време, САД ја поддржуваат целта на Израел да ја уништи воената инфраструктура на Хамас во Појасот Газа, особено широката мрежа на тунели.

Загриженоста во Вашингтон е предизвикана не само од потенцијално високиот број цивилни жртви во Појасот Газа, туку и од проширувањето на воениот конфликт во регионот и влегувањето во него на терористичките групи поддржани од Иран, како и самата иранска армија.

Ден претходно, Ројтерс, повикувајќи се на осум официјални лица во Израел, Блискиот Исток и Запад, напиша дека воената операција „Железни мечеви“ во Појасот Газа ќе биде „без преседан во жестокост“ и за разлика од која било од минатите операции на израелската армија.

Во исто време, како што нагласија изворите, Тел Авив нема разбирање како би можеле да завршат борбите.

„Израел нема завршна игра за Газа. Нивната стратегија е да фрлат илјадници бомби, да уништат сè и да заминат, но што потоа? Тие немаат стратегија за задутре“, рече еден извор од Блискиот Исток.

Израелски тенкови на границата со Газа

Но бомбардирањето на Газа на престанува.

Во израелски воздушен напад загинаа и беа повредени „голем број“ раселени лица кои се засолнуваа во комплекс на црква во Газа, според Министерството за внатрешни работи на опколената палестинска енклава.  Во ракетен удар погодена е грчката православна црква „Свети Порфириј“ во градот Газа. Канцеларијата за медиуми на владата на Газа, управувана од Хамас, во петокот објави дека меѓу загинатите има 18 христијански Палестинци.

Разурнат дел од црквата „Свети Порфириј“

Очевидци изјавија за новинската агенција АФП дека воздушниот напад се чини дека бил насочен кон цел блиску до местото за богослужба од 12. век, каде што многу христијански и муслимански жители на Газа се засолниле додека беснее војната во енклавата.

Израелската војска изјави за АФП дека нејзините борбени авиони погодиле командно-контролен центар вклучен во лансирањето ракети и минофрлачи кон Израел.

„Како резултат на нападот на ИДФ беше оштетен ѕид од црква во областа“, се вели во соопштението, додавајќи „свесни сме за извештаи за жртви. Инцидентот се разгледува“.

Очевидци изјавија дека нападот ја оштетил фасадата на црквата и предизвикал уривање на соседната зграда, додавајќи дека многу повредени луѓе биле евакуирани во болница.

„Свети Порфириј“, изградена околу 1150 година, е најстарата црква која сè уште се користи во Газа. Сместена во историска населба на градот Газа, црквата нудеше светилиште на луѓето од различни вери низ генерации.

Грчката православна патријаршија на Ерусалим ја изрази својата „најостра осуда“ на ударот.

Израелското бомбардирање однесе 3.785 жртви меѓу Палестинците во Газа, најголем дел од нив цивили.