Израел е првата држава која воведува целосно заклучување по втор пат поради короната


Премиерот Бенјамин Нетанјаху е под жесток притисок поради справуавањето со пандемијата и корупциските процеси што се водат против него. Секоја сабота има протести пред неговата резиденција (Фото: АФП)

Три недели ќе бидат затворени училиштата, моловите, хотелите, рестораните, а од домовите ќе може да се излегува само до 500 метри

 

Израелската влада одлучи да наметне заклучување во траење од три недели, првата земја што повторно воведе вакви строги ограничувања на национално ниво, по драматичното оживување во случаите на корона вирусот.

Стравувајќи од масовни собири за време на низа национални празници во текот на следниот месец, владата одлучи да ја затвори земјата од петок, еврејската нова година, до 9 октомври.

Говорејќи на прес-конференција непосредно по гласањето, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека раководителите на болниците предупредиле дека здравствениот систем ќе биде преоптоварен доколку стапките на инфекции продолжат да растат. „Тие подигнаа црвено знаме“, рече тој.

Нетанјаху рече дека луѓето ќе бидат принудени да останат на 500 метри од своите домови, со исклучоци за осамени вежби. Училиштата и сите продавници, освен неопходните, ќе бидат затворени. Постепено олабавување на правилата ќе се спроведе само ако стапката на инфекции се намали.

„Знам дека овие чекори се тешка цена за сите нас“, рече тој. „Ова не е празникот на кој сме навикнати. Ние сигурно нема да можеме да славиме со нашите пошироки семејства“.

Бидејќи земјата е веќе погодена од длабока рецесија предизвикана од пандемијата, одлуката за враќање на блокадата ги подели владата и нацијата.

Министерот за домување Јаков Лицман, поранешен министер за здравство, поднесе оставка во неделата. Лицман, кој е на чело на еврејската ултраортодоксна партија, го осуди заклучувањето за време на периодот на верски празник, што, според него, ќе ги спречи верниците да присуствуваат на големите еврејски служби во годината.

Во меѓувреме, некои сопственици на деловни активности, вклучително и ресторани, рекоа дека ќе изберат да ги игнорираат правилата или да се соочат со финансиска пропаст.

Минатата пролет, земјата со 9 милиони жители беше широко пофалена за брзата и строга блокада, што беше заслужна за драматично намалување на ширењето на вирусот.

Сепак, оттогаш Нетанјаху се најде под критики за пребрзо отворање на економијата во мај. Новите случаи се зголемија, а Владата е обвинета за лошо раководење бидејќи невработеноста се искачи на двоцифрен број.

Израел пријави речиси 150.000 случаи и повеќе од 1.100 смртни случаи – релативно ниска стапка на смртност, иако министрите предупредуваа дека тоа може брзо да се зголеми, бидејќи неодамна се појавија нови инфекции од 4.000 на ден.

Бесот околу постапувањето на владата со пандемијата ги поттикна тековните протести против премиерот – кој беше обвинет од критичарите за антидемократско грабнување на власта и во моментов му се суди за корупција.

Во саботата вечерта илјадници Израелци се собраа околу официјалната резиденција на премиерот повикувајќи го Нетанјаху да поднесе оставка. Рестораните и сопствениците на спортски сали и сали за настани му се придружија на народот, плашејќи се од потенцијална штета од блокирањето во целата земја.

Пишувајќи во локалниот дневен весник, „Маарив“, коментаторот Јехуда Шарони ја опиша целосната блокада како „ништо помалку од терористички напад врз деловниот сектор, вклучително и ресторани, хотели, трговци и трговски центри, кои штотуку започнаа да ги креваат главите над водата“.

Можеби со надеж дека ќе го одвлече вниманието од своите домашни проблеми, Нетанјаху објави низа неодамнешни дипломатски достигнувања, во координација со американскиот претседател Доналд Трамп. Израелскиот лидер треба да лета за Вашингтон доцна во недела на церемонијата на Белата куќа по повод нормализирањето на односите меѓу Израел, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.

Сепак, спектаклот околу договорите со две арапски земји, кои веќе подолго време имаат работен, иако приватен, однос со Израел не успеа да ја смири израелската јавност.

Понатаму, помал скандал околу тоа дали Нетанјаху ќе патува со приватен авион наместо со официјалната делегација се закани дека ќе го замагли целото патување. Поради критиките за раскошниот начин на живот на неговото семејство, канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека тој го укинал планот да лета со приватен авион. (Гардијан)