Изненадувања на министерската листа: Бојан Маричиќ во Правда, Јагода Шахпаска во Труд и социјала, Благој Бочварски во Транспорт и врски…


По седницата на Извршниот одбор на СДСМ во јавноста стигнаа некои предлози за министри кои досега не се споменуваа, па се и своевидно изненадување од најголемата владејачка партија. Според информациите кои не се уште официјализирани (за нив вечерва треба да расправа Централниот одбор на партијата)  многу важното место за владеењето на правото – Министерството за правда треба да го преземе Бојан Маричиќ, досегашен советник на премиерот и технички преговарач со ЕУ.

Коносителката во Изборната единица 3, Јагода Шахпаска, треба да го води Министерството за труд и социјала. Шахпаска и досега беше пратеник. Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски треба да го замени Горан Сугарески на чело на Министерството за транспорт. Досегашната пратеничка која беше дел од пратеничката листа на СДСМ, но не е и член на партијата, Ирена Стефовска, треба да биде министер за култура. Таа во претходниот собраниски состав беше на чело на Комисијата за култура. Мила Царовска, најверојатно ќе биде идната министерка за образование.

Според она што досега се знае, Радмила Шекеринска ќе остане министерка за одбрана, а Никола Димитров ќе го води ресорот за евроинтеграции. За местото вицепремиер на економски прашања главен кандидат е Фатмир Битиќи, кој беше еден од креаторите на економската програма на СДСМ.

Ова не е целосната листа и до завршувањето на Централниот одбор може да дојде до некаква промена.