Изненадувања на Греми 2020: Лизо со најмногу, 8 номинации пред ѕвездите


САД- Лизо ги предводи номинациите за 62. Греми награди, музички еквивалент на Оскарите, со 8 номинации, додека Били Ајлиш и Лил Нас Икс се близу со по шест номинации. Тројцата музичари се прв пат номинирани за Греми.

Ариана Гранде, ХЕР и Финас О’Конел се веднаш зад нив со по пет номинации. За О’Конел, петте номинации се и неговите први Греми номинации, додека Гранде и ХЕР биле номинирани и предходно и двете со по една или две победи.
Албумите „I,I“ од Бон Ајвер, „Norman F***ing Rockwell“ од Лана Дел Реј, „When we fall Asleep, Where do we go?“ од Били Ајлиш, „Thank U, Next“ од Ариана Гранде, „I Used to Know Her“ од ХЕР, „7“ oд Лил Нас Икс, „Cuz I Love You“ од Лизо и „Father od the Bride“ од Вемпајр Викендс се номинирани за албум на годината.
Алиша Кис ќе се врати како домаќин на церемонијата, втора година по ред, со што ќе стане третата жена и првата жена музичарка што е домаќин двапати.
Греми 2020 ќе се одржат на 26 јануари, во Стејплс центарот во Лос Анџелес.

Номинациите поминуваат во сенка на изненадувањата дека врвни поп-изведувачи се исфрлени од трката во престижните категории. Така Тејлор Свифт единствена која две години по ред освои Греми во најпрестижните категории, сега има три номинации, но не и за албум на годината. Исто така Ед Ширан кој досега освоил 4 Греми, годинава има само една номинација за најдобар поп-албум. И браќата Џонас имаат само една номинација, Мадона која седум пати освоила Греми сега нема ниту една номинација за албумот Madame X, дуото Шон Мендес и Камила Кабејо кои годинава го имаа големиот хит “Señorita”, извисија за песна на годината, и номинирани се само за поп дуо.