Изминатите пет дена бројот на новозаразени од Ковид-19 е под десет отсто од тестираните


Фото: Б. Грданоски

Изминатите пет дена бројот на нови случаи на Ковид-19 е под 10 проценти од тестираните пациенти. На почеток на неделата беа направени 860 теста, од кои 78 пациенти резултираа позитивни на корона вирусот. Потоа следниот ден (25 август) бројот на тестови се искачи на над 1700, но бројот на новозаразени пациенти беше 127. Во некои од последните денови имаше случаи кога процентот на ново заразени не беше поголем од пет-шест посто. Така што вчера беа направени 2018 тестирања, а регистрирани се 159 нови случаи на Ковид-19. Освен намалениот број на новозаразени со корона вирусот, за разлика од претходниот период, во последниете денови е регистрирано и зголемено оздравување на пациенти заразени од Ковид-19.

И понатаму најголемиот број на активни заразени од Ковид-19 е регистрирано во Скопје (854), потоа следат Куманово (356), потоа Гостивар (230), и Штип и Тетово по (175 активни пациенти со корона вирус).

Драстична промена со Ковид-19 е регистрирана и во скопските општини. Тука и понатаму на со најголем број активни случаи 117 е Општина Чаир, но далеку подобро од претходниот период кога бројот на заразени со корона вирусот во ова општина ги надмина 400 пациенти. По Чаир, со најголем број на заразени со Ковид-19 е Општина Аеродром (105), Гази Баба (102) и потоа следат Кисела Вода, Карпош, Центар, Бутел и тн.

Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство, Венко Филипче, при вчерашната посета на Македонска Каменица, истакна дека засега не се предвидени посебни мерки за заштита од Ковид-19 во Пијанечко-малешевскиот регион, каде во изминатите неколку недели константно се зголемува бројот на заболени од коронавирус. Одговарајки на новинарски прашања во врска со состојбата со пандемијата во Делчево, Берово, Пехчево и М.Каменица, министерот за здравство Венко Филипче рече дека дополнителни рестриктивни мерки за овие општини не се предвидени.

– Засега не предвидуваме такви мерки за општините од овој регион. Но ние имаме план, меѓутоа тој план веројатно ќе биде на сила и можност да се интервенира во есенските месеци, кога здравствениот систем се очекува да биде оптоварен, како со пациенти со Ковид-19, така со сезонски грип и други болести кои ги окупираат истите одделенија како пациенти, рече Филипче.

Непочитувањето на мерките не само во овие општини туку секаде во државата,како што додаде, резултирало со зголемен број на кластери и нови заболени.

– Мораме да бидеме спремни гледаме како се одвива пандемијата насекаде во светот, очигледно е дека вирусот е тука, очигледно е дека граѓаните тогаш кога не се придржуваат до превентивните мерки има појава на нови случаи и кластери. Морам да апелирам сите да се придржуваат до мерките, дистанца, носење на заштитна маска, бидејки тоа штити од другите болести кои доаѓаат и од преопотварувањето на здравствениот систем, а граѓаните почитувајки ги мерките тоа ќе го олеснат, додаде Филипче.

Како што информираше на последното гостување на ТВ Клан, набавката на вакцината против Ковид-19, ќе се врши преку механизмот КОВАКС при Светската здравствена организација.

-Ковакс механизмот е механизам на СЗО којшто ќе обезбеди рамноправна дистрибуција на соодветна количина на вакцини согласно популацијата во одредени земји се додека не се достигне 20 проценти од населението да биде вакцинирано. Во однос на активноста на ЕУ, тие потпишаа билатерален договор со компанијата АСТРА ЗЕНИКА за земјите членки на ЕУ и ние добивме писмо со понуда од Полска преку полскиот амбасадор во нашата земја. Сакам да му изразам благодарност дека може да купиме соодветна количина од нивната, предвидена за нивната земја, изјави Филипче.

Тој рече дека сѐ уште не се познати ниту количините, ниту каква ќе биде таа распределба по земји. Но, навремено ќе има пристап тогаш кога вакцините ќе бидат достапни.

– Дваесет проценти е нешто што засега се смета дека за разумен процент да се вакцинира населението согласно сегашните сознанија. Во таа група од 20 проценти влегуваат постарите, хронично болните, децата итн. Има ризични групи коишто се први за вакцинирање секако ги следиме и новите сознанија и препора“, рече Филипче.

Во однос на вакцината против сезонски грип, министерот посочи дека оваа година ќе бидат обезбедени двојно поголеми количини. Во некои земји се препорачува за поширок дел од населението, со цел да се одбегнат потешки компликации доколку дојде до вкрстување на болеста и со коронавирусот. Вакцина против сезонски грип за лицата над 65 години и за други ризични групи веќе извесно време е бесплатна.

– Оваа година од вообичаената бројка од 28 илјади вакцини, ние набавуваме 40 илјади и плус 20 илјади добиваме преку донација. Значи ќе имаме 60 илјади вакцини, двојно повеќе од тоа што сме имале претходните години. Со оваа вакцина ќе бидат опфатени повеќе ризични групи кои што сметаме дека треба да се вакцинираат, меѓу другото и здравствените работници кои ќе одлучат да ја примат, со оглед на тоа што не е задолжителна вакцина. Дали ќе има вкрстен имунитет со кој оваа вакцина ќе штити и од Ковид-19 тоа не го знаеме со сигурност. Вакцината штити сигурно, со оглед на тоа што е четиривалентна, од претпоставените вируси на сезонски грип или може да се јави сосема лесна форма на болеста, но апсолутно е препорачлива за луѓе кои веќе имаат хронични болести. Освен ризичните групи за кои вакцината за сезонски грип ќе ја добијат бесплатно, ќе има одредени колични и за комерцијална продажба, истакна министерот за здравство.