Измените на Законот за локална самоуправа поминаа на матичната собраниска Комисија


Предлог-измените на Законот за локална самоуправа со кои меѓу другото се предвидува преку референдум отповикување на градоначалник и воведување на т.н. комунална полиција на ниво на општина денеска го поминаа собранискиот филтер на матичната Комисија за локална самоуправа. 

Министерот за локална самоуправа Златко Перински посочи дека измените се направени низ инклузивен процес, а во изработката билe вклучени домашни и меѓународни експерти. 

Клучните измени се однесуваат на транспаретноста и отчетноста на градоначалниците, советите и службите во општините, а се насочени и кон спречувањето на корупцијата и дигитализацијата на општините услуги. 

–  Како основа во процесот на креирање на решенијата го земаме извештајот на Венецијанската комисија на Советот на Европа од 2019 година насловен како Извештај за отповикување на градоначалници и локални избрани претставници. Овој документ којшто е усвоен на 65-та седница на Советот за демократски избори и на 119. пленарна сесија на Комисијата претставува релевантен документ со стандарди кои го одразуваат европскиот пристап кон прашањето за локалната демократија. Токму ова е еден од најголемите предизвици на актуелното законско решение, а тоа е отсуството на механизам за отчетност на градоначалниците. Иако тие се избираат директно од граѓаните, актуелниот закон не предвидува начин за покренување на постапка за нивна доверба или отповикување пред завршување на нивиот мандат, рече Перински.

Оваа законска одредба, како што посочи, е внимателно срочена со цел да не се злоупотреби.

Дел од предлог-законските решенија е и намалувањето на прагот за граѓанска иницијатива за носење на потребен акт или решавање на прашање во ингеренции на општината, а информациите за работата на Советот, општината мора да ги објавува јавно на својата веб страница или на другите нивни јавни гласила. 

Во рамки на општината ќе се формираат и организациски единици за комунален ред и инспекциски надзор, а во општините со седиште во град, градоначалникот ќе може да именува и главен градски архитект. 

– Целта е да се унапредат оние аспекти кои се покажаа како неопходни за поефикасно и покоординирано управување на локално ниво, рече Перински. 

Постапката за законски измени почна во октомври лани, а од декември до февруари беа организирани четири јавни консултативни работилници по што изработеното Предлог-законско решение беше ставено на ЕНЕР и потоа помина на владина седница.