Измените на законите за даноците и за данокот на солидарност го оптоваруваат бизнисот, оценува Мицкоски


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оцени дека измените на Законот за ДДВ и на Законот за персоналниот данок на доход, како и предложениот закон за данокот на солидарност не му помагаат на бизнисот, туку го оптоваруваат. Како што изјави по средбата во Сојузот на стопански комори, овие три закони се носат „шверцерски“ во Собранието.

Според Мицкоски, лага е тоа што тврди Владата, дека собраните пари од даноците ќе завршат кај оние на кои им недостасуваат.

Тој на средбата ги информирал претставниците на ССК дека и покрај разговорите со Владата и во рамки на Парламентот изминатите месеци, не наишле на разбирање.

-Со овие закони се оптоваруваат оние што се успешни и кои создавале профит во услови на криза. На овој начин не се намалува сивата економија, односно не се казнуваат оние кои не ги почитуваат своите обврски кон државата, не ги плаќаат своите даноци кон државата, туку ги сокриваат и се дел од онаа неформална сива економија, туку се казнуваат оние што своето работење редовно си го пријавуваат, се успешни и во услови на криза успеале да создадат профит и тој профит денеска го оданочуваме под името закон за данок за солидарност. Мора јавноста да знае дека ова е се, само не солидарност и ако обидот на Владата да пристапи кон граѓаните со тоа што ќе ги оданочи овие кои заработиле и потоа тие пари ќе завршат кај оние кои им недостасуваат, не е точно. Тоа е лага. Овие пари ќе завршат кон проекти кои се сомнителни и во тендери во четири очи, во приватни џебови, односно во дупка која оваа криминална и неспособна влада ја создава во Буџетот, рече Мицкоски, одговорајќи на новинараски прашања.

Во врска со законот за данокот на солидарност, тој се осврна и на владиното образложение кое се повикува на искуството во Европа.

-Искуството во Европа вели да постои еден данок кој се случуваше за време на енергетската криза, но тој данок беше Виндфол профит. Тоа би значело профит кој се случил ненадејно односно се зголемила цената на енергенсите, вашата производна цена останала иста или се намалила и профитот станал екстремно голем, тогаш е логично, тој кој создал таков случаен, ненадеен, непланиран профит да дел од својата заработка ја сподели на оние кои книжат загуба. Кај нас таков случај немаме. Тоа е суштината, тоа е она што е погрешно во рамките на политиките на оваа власт. Ние цениме дека требаше да ги запознаеме компаниите дека изминативе неколку месеци работевме со Владата посветено, разговаравме во рамките на Парламентот, ги аргументиравме нашите позиции, но не наидовме на разбирање, ниту од соодветниот министер, ниту од страна на Владата и еднострано ги повлекоа овие закони и потоа ги изменија. Ако претходно велеа дека ќе зафаќаат околу 80, 90 милиони евра, сега и тоа е коригирано, станува збор за 140 милиони евра и тие ќе треба да ги зафатат од успешните компании и ги вратија назад вчера на шверцерски начин пред завршување на самата седница со европско знаме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.