Измените на Изборниот законик денес ќе се предложат во Собрание


Фото: Б. Грданоски

Одредениот праг за независните кандидатски листи од 2 отсто бил компромис меѓу партиите, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ

 

Измените на Изборниот законик денес ќе се најдат во Собранието како предлог на група пратеници – најави министерот за правда Бојан Маричиќ на брифинг со новинарите. Тој очекува тие да бидат изгласани до 1 август, бидејќи имаат поддршка од партиите и се донесени по барање на помалите политички групи.

Околу прашањето зошто се носат повторно измените непосредно пред изборите, наспроти препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Маричиќ рече дека очекувањето било дека ќе се усвојат до мај, но и вака ќе бидат донесени три месеци пред избори наспроти претходните измени – кои биле усвоени ден пред изборните кампањи.

„Ние стоиме цврсто зад отворените листи како концепт“, нагласи министерот, објаснувајќи дека граѓаните на локалните избори ќе гласаат за партиски и коалициски листи, а преференцијално за еден кандидат кој ќе мора да надмине праг од 3 отсто од запишаните гласачи во општината, за да се најде меѓу избраните. Граѓаните можат да не заокружат никого посебно, а ако заокружат двајца, партиите се договориле да се прифати само изборот на партиската листа, за да нема многу неважечки ливчиња. Ваквите листи тој ги нарече комбинирани – ни целосно отворени, ни целосно затворени, но разумен предлог за нешто што се воведува за првпат. 

На прашањето дали има можност во Собранието сепак да се намали прагот од три  отсто за преференцијалните кандидати, Маричиќ рече дека сѐ е можно додека не се усвои законот и дека тоа може да се побара со амандман, но од искуството од  договарањето на моделот посочи дека така целиот концепт ќе се доведе во прашање –  бидејќи ќе нема поддршка од големите партии. Негова препорака беше да не се случи на овие избори да се оди без усвоени препораки на ОБСЕ, бидејќи тоа би било преседан, со забелешка дека ако сега се тргне овој предлог од Собранието или не помине – тешко дека ќе се најде подолго време на агендата. 

Моделот е компромисен, но нагласи Маричиќ, тоа не значи дека сите до еден се согласиле. Некои партии сакале да ги врзат отворените листи со изборниот модел за парламентарните избори, но тоа не наишло на согласност и расположение кај останатите.

Околу реакциите на невладините организации за бројот на потписи што треба да се соберат за да се истакне кандидатура, чиј праг е подигнат многу високо, дури на два отсто од запишаните гласачи, и само за Скопје ќе изнесува 10.000 потписи, Маричиќ рече дека првиот предлог бил еден отсто (според европските стандарди и препораките на ОДИХР), но партиите барале 3, па и 5 отсто, така што постигнале компромис околу два отсто.  

„И со еден отсто од запишаните гласачи во општината  бројот на потписи што ќе требаше да се соберат за истакнување независна листа е поголем отколку што е досега. Точно е дека отскокнува бројката за Скопје, но таа не е недостижна“, рече Маричиќ, практично упатувајќи ги независните да формираат политички партии ако сакаат да се тркаат за функции (за регистрирање на партија се потребни само 1.000 потписи) или да се стават на коалициски листи и да бидат избрани, можеби, како преференцијални кандидати.

-Не мислам дека се блокира чија било иницијатива, бидејќи прво знаеме дека имаме регистрирано и многу политички партии коишто имаат право без никакви потписи да кандидираат свои листи. Независните кандидатури можат да се остварат, тоа не се недостижни бројки во многу општини. Меѓутоа, тоа ќе зависи и од иницијативноста и од желбата на граѓаните да поддржат независни листи, така што мислам таму каде што има навистина желба не се недостижни бројките и можат да се достигне прагот од два проценти“, изјави Маричиќ.

Тој не ја коментираше реакцијата на претседателот Стево Пендаровски дека ваквата промена на прагот за регистрирање на независните кандидати не треба воопшто да се случи. (Н.В.)