Измените и дополнувањата на Кривичниот законик на Комисијата за политички систем


Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе одржи седница, на чин дневен ред е Предлог на законот за изменување и дополнување на Kривичниот законик, по скратена постапка.

Со предложените измени и дополнувања се очекува да се намалат ризиците поврзани со членството на нашата земја во СЕПА. Во предложениот законски текст се посочува дека целта е да се отстранат слабостите во постојните одредби и постапување согласно Извештајот од спроведената евалуација на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам усвоен од страна на Moneyval Комитетот во 2023, заради усогласување со Препораките на ФАТФ. 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вчера образложувајќи ги измените  нагласи дека ова е само мала интервенција во Кривичниот законик, додека новиот закон на којшто се работи денеска ќе биде испратен на мислење до Европската комисија. Побара поддршка од сите пратеници за носење на измените. 

– Измените се однесуваат само на една цел, а тоа е да се намалат ризиците поврзани со членството на Македонија во СЕПА, во единствената европска платежна зона, што веќе е остварено пред една година и е многу корисно за македонските стопанственици и за граѓаните бидејќи обезбедува брзо и поекономично тргување со сите земји – членки на ЕУ и со земјите – членки на Европската економска област. Инаку, препораката за овие измени е дадена уште во мај 2023 година од еспертската група Moneyval за спречување перење пари и финансирање тероризам при Советот на Европа – рече Милошоски.  

Како што кажа, со овие измени ќе се зајакнат членовите кои што се однесуваат на конфискација на имот и на финансирање тероризам како и членовите кои имаат надлежност за делото перење пари.

Во Собранието денеска се закажани и две седници на Законодавно-правната комисија. Пред членовите на оваа комисија се – Предлог на законот за ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа, Предлог на законот за изменување на Законот за надворешни работи во прво читање, Предлог на законот за изменување и дополнување на Kривичниот законик, по скратена постапка, Барањето за давање на автентично толкување на членот 34 од Законот за локалната самоуправа (Службен весник на Република Македонија број 5/02 и Службен весник на Република Северна Македонија број 202/24), поднесено од пратениците Халил Снопче, Калтрина Беќири, Аднан Азизи, Салим Сулејмани, Ријад Шаќири и Саранда Имери-Стафаи, Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за воспоставување на заеднички гранични премини меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и за спроведување на заеднички активности за гранична контрола, Предлог на законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Државата Катар за заемно укинување на визи за носителите на дипломатски, службени и специјални патни исправи, Предлог на законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Хрватска за стратешка соработка и Предлог на законот за изменување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година, по скратена постапка.