Измена на Програмата за имунизација, КОВИД-вакцините во првите месеци на 2021


Фото: Б. Грданоски
Министерот за здравство Венко Филипче на седница на Влада денеска поднесе Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за задолжителна имунизација на населението во Република Северна Македонија за 2020 година. Со измена на Програмата за вакцинација сме чекор поблиску до обезбедување на вакцините за Ковид-19 преку Ковакс-механизмот, нагласува министерот Филипче.
 
Програмата предвидува измени во делот за финансиски средства, како една од обрвските преземени со договорот со ГАВИ за влез во Ковакс-механизмот. Средствата се веќе обезбедени со последниот ребаланс на буџетот. Преку Ковакс-механизмот ќе се обезбедат 833.000 вакцини – дози за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација.
 
Како што соопшти Министерството за здравство, вакцините во земјава ќе стигнуваат согласно со планот за дистрибуција кој ќе го одреди Ковакс, а испораката ќе биде истовремено во сите 127 земји, како и во земјите од регионот – Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и дел од Србија. Првата испорака на вакцини се очекува во првите месеци од 2021 година.
 
– Покрај овој механизам, Министерството за здравство започна преговори, односно достави формални барања за обезбедување вакцини уште преку два други механизми. Првиот е во директни преговори и со директна набавка од компаниите Фајзер и Астра Зенека кои ги произведуваат вакцините, а од каде наскоро очекуваме да имаме и формална понуда. Третиот механизам е преку Европската Унија за што е, исто така, формално побарано од делегацијата во Скопје и очекуваме информација. Што се однесува до набавката во рамки на Европската Унија, таа нарачува 200 милиони вакцини за земјите членки и уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата, истакнува Филипче во соопштението на Министерството.
 
Ковид-вакцината ќе биде бесплатна за сите граѓани и нема да е задолжителна. Со почетокот на вакцинацијата, посочува Министерството, нема веднаш да се намали ризикот од Ковид-19, ниту пак веднаш ќе се почувствува намалување на притисокот врз здравствените установи, но вакцинацијата и натаму доследното почитување на превентивни мерки можат значително да ја сменат сликата на пандемијата.
 
-Вирусот Ковид-19 ќе продолжи да циркулира и следниот период. Оттука мерките за превентива и заштита како носење маска, држење дистанца, негрупирање, хигиена на раце ќе бидат задолжителни и во периодот пред нас, се наведува во соопштението.
 
На приоритетната листа за вакцинација први ќе бидат здравствените работници кои работат со ковид, како и ризичните групи граѓани со зголемен ризик за Ковид-19, за кои вакцината ќе биде високо препорачана, но не и задолжителна.