Изложени артефакти и фотографии пронајдени во Боров Дол


Штип – Во уметничката галерија „Безистен“ во Штип е отворена изложба на артефакти и фотографии од осумгодишните археолошки истражувања (2011 -2018) на локалитетот Боров Дол кој зафаќа територии на општините Конче, Штип и Радовиш. Истовремено, во организација на Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Штип започна четиридневниот меѓународен симпозиум под наслов „Рударството и археологијата“. Настанот, чиј финансиски покровител е рудникот „Бучим“, го отвори министерот за култура Хусни Исмаили.
– Одржувањето на овој настан со мошне специфична тема е од особено значење за развојот на археолошката научна мисла во нашата земја, но и размената на меѓународни искуства од ова поле, особено ако се земе предвид фактот дека овој симпозиум е прв од овој вид кој ги поврзува сознанијата меѓу археологијата и рударството како важна економска гранка. Изложбата под наслов „Боров дол 2011 – 2018“, која можеме да ја видиме вечерва, претставува резултат од досегашните истражувања на Заводот за заштита на спомениците и музеј Штип на археолошките локалитети во овој регион во изминатиот период, изведени за потребите на рудникот за бакар и злато „Бучим“ од Радовиш. Во оваа пригода сакам да им честитам на сите вклучени археолози и други стручни лица кои повеќе години спроведуваа заштитни археолошки ископувања на просторот каде што се отвори новиот рудник „Боров Дол“, рече министерот Исмаили.
Тој потенцира дека нашата земја, несомнено, поседува богато културно наследство од сите периоди на настанување, за што многупати се потврдило дека може да се стави во функција на целокупниот развој. Министерот порача дека токму затоа Министерството за култура, како и досега така и во иднина, ќе биде секогаш отворено не само за поддршка на заштитата на културното наследство и негова промоција, туку и за едукација и ширење на научните информации од оваа област.
Археолошките истражувања на Боров Дол беа извршени за потребите на новото рудно тело, кое ќе го продолжи животниот век на рудникот „Бучим“ кој за извршената работа на Штипскиот музеј му плати 360.000 евра.
– Рударството и металургијата отсекогаш биле важен технолошки и економски дел од развојот на човештвото. Денес е една од основачките индустрии во модерната економија на Северна Македонија. За да развиваме здрави бизниси, a притоа истовремено да го зачуваме и наследството и да ја заштитиме животната средина, мора да ги истражуваме и научиме лекциите од минатото. Среќни сме што имавме можност да бидеме дел од ова историско истражување кое поставува основи за понатамошни научни студии. Се надеваме дека ќе имаме и други прилики за вакви собири од областа на рударството и археологијата, кои со задоволство ќе продолжиме да ги поддржуваме, изјави Николајчо Николов, заменик генерален директор во „Бучим“.


Според Мите Штерјов, во овој регион се пронајдени многу минерали на железна руда и поретко на бакарна руда.
– Минералите се пронајдени во рударски галерии, во јами и на места од каде што е копана руда. Пронајдени се и алатки како тешки секири и копачи со кои е копана рудата. Во овој предел нашите археолози пронајдоа и десетина килограми згура, што е доказ дека тука во тие времиња била топена руда. Покрај ова, откриени се 43 гроба, остатоци од средновековна црква и остатоци од ранохристијанска гробница. Сите гробови се богати со гробен прилог типичен за тоа време како прстени и ѓердани кои биле незаобиколен моден детаљ за жената. Она што го прави интересно ова истражување е тоа дека паралелно со археолошките се водеа и историски истражувања, со што се откри дека во една некропола биле погребувани жителите на село Марчево кое се споменува во неколку турски документи од 16 век од кои може да се види дека главна егзистенција на селаните им било рударството и тоа копање железна руда токму на просторот каде што во втората половина од 20 век егзистирал рудникот „Дамјан“, појаснува директорот Штерјов.
На меѓународниот семинар, прв од ваков вид во нашата држава, ќе бидат презентирани 28 наслови под кои ќе бидат потпишани 58 автори од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Австрија, Германија и Англија.

Иван Бојаџиски