Изложбата на илустрации на Кондовски продолжена до 15 ноември


Првата изложба на илустрации на ликовниот уметник Димитар Кондовски, што беше отворена на 14 октомври годинава во „Мала станица“ во Скопје, поради големата заинтересираност ќе се продолжи уште две недели, и ќе биде отворена до 15 ноември.

Изложбата е отворена во рамките на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрации „Литера“.

-Изложбата беше отворена на 14 октомври и за само две недели, почитувајќи ги ковид-протоколите, ја посетија неколку стотици вљубеници на уметноста. Оригиналните илустрации на антологиските „Зоки Поки“, „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичко Том“, „Џиновски сликовници“, корици на „Росица“ и многу други списанија и наслови ги красат просториите на „Мала станица“, соопштија од „Литера“.

Оттаму посочија дека за време на изложбата се реализирале неколку работилници посветени на децата, под мотото „Емоцијата има своја боја“. Деца од различна возраст се инспирирале од делата на Кондовски и создавале свои нови. Работилниците се реализирани во соработка со општината Центар.

Фестивалот „Литера“ е во организација на центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од Скопје.