Изложбата „Бескрајот на стените“ на Зоран Лазаревски се сели во Кавадарци


Во среда, на 20 март 2024, од 12 часот, во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Зоран Лазаревски од Скопје.
 
Зоран Лазаревски е роден 29.07.1949 година во Скопје. Завршил училиште за применета уметност „2 Август“ во Скопје 1965-1970 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград 1975 година, во класата на професор Марко Крсмановиќ, отсек ликовна графика. Член на ДЛУМ од 1976 година. Самостојно изложувал на повеќе места, Скопје, Струга (93) , Струмица (1993 и 2023 год.) Учествувал на сите групни изложби кој ги организирал ДЛУМ, како и излагања надвор од земјата. Добитник е на повеќе награди и признанија.
 
За изложбата Глигор Стојковски ќе рече: “Природата е ненадминат уметник; речиси нема некој, кој и да е, кога и каде да било, макар мигновено да не ја почувствувал нејзината семоќна рака, полноводната кристална река што струи низ неа. Многумина ќе поитаат да понудат одговор и објаснување, но мудриот Сенека би рекол – „Премногу сме смртни за да го спознаеме бесмртното.“ Оти – креативната моќ на природата е таква: бесмртна – бесконечна, непредвидлива, недостижна… неповторлива. Во неа (по)долго време тоне и Зоран Лазаревски; ќе бидете сосем во право ако забележите дека е целосно обземен, дека жедно ја пие нејзината утринска роса, дека до изнемоштеност талка по нејзините испреплетени патеки. Ја чувствува, му тежи, го избезумува магичната хармонија на боите и формите – совршенството по кое копнее, сака да го отвори, да го допре, да го впие – да го сети во себе оформено, пресоздадено, потем да го пренесе во својата рака, да го направи вистина, да биде стварноста во која самиот опстојува. “ 
 
Изложбата се сели во Кавадарци, откако успешно помина во изложбениот простор на МКЦ во Скопје, каде беше доста посетена. Поддржана е од Министерството за култура.