Изложба „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ во Музеј на Македонија


„Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ е насловена изложбата која од 19 часот ќе биде отворена во Музејот на Северна Македонија во организација на Здружението за поддршка и промоција на културата „Континео 2020“ – Скопје.

Изложбата е резултат на истоимениот едногодишен проект од областа на културата и архитектурата кој Здружението „Континео 2020“ го спроведе со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија.

Според авторскиот тим на проектот – Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска, жените архитекти имале значаен придонес во периодот на постземјотресната обнова на Скопје.

– 1960-тите, 1970-тите и раните 1980-тите години се период на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други. Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага…, по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти, соопшти Здружението „Континео 2020“.

Изложбата „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ ќе биде отворена за јавноста до 23 март 2022 година.