Изложба за Димче Коцо по повод 110 годишнината од раѓањето на уметникот и научник


Национална галерија на Македонија најавува дека во Чифте Амам на 23 јуни ќе биде отворена јубилејната изложба посветена на Димче Коцо, „Димче Коцо (1910-2020), јубилеј по повод 110 години од раѓање“. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август, а ќе опфати речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на овој реномиран автор, како и негови лични документи.

Димче Коцо е еминентен ликовен автор кој остави особен белег во историјата на модерното македонско сликарство, не само преку своето ликовно творештво туку и како ликовен критичар и автор на голем број релевантни трудови од областа на историјата на уметноста.

„Националната галерија во период пред и по прославата на 70 годишнината од своето постоење си постави за цел, би рекле во еден ренесансен зафат, да ги осветли со нови синтензни претставувања великаните на македонската ликовна уметност, во истражувачки изложби кои ќе го предизикаат вниманието не само на широката публика, туку и  институциите на уметноста. Така како резултат на долготрајни подготовки дојде до големи презентации на великаните на македонското сликарство како Петар Мазов, Борка Лезески…а се подготвуваат и нови на Кондовски, Ѓорѓи Зографски, Васко Ташковски… Во редот на овие зафати на Националната галерија е и големата сликарска изложба, на еден од ветераните на македонската сликарска уметност, академикот Димчо Коцо“, вели директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.

Димче Коцо е наш најпознат историчар на уметноста кој со својата сестрана активност во текот на низа децении на минатиот 20. век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста. Учествувал во оснивањето на Филозофскиот факултет и Институтот за историја на уметност, градењето и образувањето на нови генерации историчари на уметност, создавањето и раководењето со нови музеи, нови научни списанија, вршел обемни научни истражувања и автор е на голем број научни трудови, имал богата општествена активност и оставил зад себе богато и вредно сликарско и скулпторско творештво.

Роден е на 10 октомври 1910 година во Охрид. Извесно време го посетувал Уметничкото резбарско школо во Охрид. Матурирал 1930 година во Битола. Учел во Уметничкото занаетчиско училиште во Белград и студирал Историја на уметност на Филозофскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1936 година. Бил учесник во НОБ и комесар на Охридската бригада. По завршувањето на војната се вратил во Скопје каде веќе од декември 1944 година работи на формирање на првиот македонски Народен музеј во Скопје, основан 1945 година и бил негов прв директор. Истовремено тој е еден од основоположниците на Филозофскиот факултет во Скопје, каде како еден од малубројните професори почнал да предава и бил прв шеф на катедрата на Институтот за историја на уметност. Бил и декан на Филозофскиот факултет во 1950/1951 и 1957/58 година. Бил директор и на Археолошки музеј во 1952 година, од кога датираат почетоците на големите истражувачки зафати на овој музеј во Стоби, Чепигово, Демир Капија и Радолишта. Неговата научна дејост била призната и во меѓународни рамки, па 1955 година тој е избран за дописен член на Deutsches Archäologisches Institut (Römisch-germanische Komission) во Франкфурт на Мајна, а во 1969 година за doctor honoris causa на Универзитетот во Безансон. Бил член на ДЛУМ од 1945 година.

Од 1969 година Коцо бил дописен член на МАНУ. Бил долгогодишен член на одборот на град Скопје, сојузен народен пратеник на град Скопје, претседател на Музејското конзерваторско друштво на Македонија, претседател на Републичкиот совет за култура на СРМ, член на Југословенската делгација на УНЕСКО итн. 

Димче Коцо има огромно значење и одиграл важна улогата во развојот на научната мисла, но и во афирмацијата на ликовната уметност и продорот на новите уметнички влијанија. Оваа јубулејна изложба има за цел токму да потсети на неговиот богат и разновиден, тематски и стилски опус, разоткривајќи го повторно пред стручната јавност, но и пошироката публика неговото обемно ликовно творештво. На овој начин ќе овозможиме еден посеопфатен увид и потсетување на ова импресивно творештво, воедно ќе потсетиме и ќе укажеме на неговото влијание врз повеќе генерации македонски ликовни уметници пред се како како уметник, и педагог, велат од Националната галерија и изразија особена благодарност до поединците и институциите од чии колекции ќе бидат претставени дела (освен делата на авторот Димче Коцо во сопственост на Националната галерија) на оваа изложба. Тоа се семејствата Коцо, Коцови, Миљковиќ; Македонската академија на науките и уметностите; Музејот на современата уметност – Скопје; Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид; Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип; НУЦК „Антон Панов“, Струмица и Службата за општи и заеднички работи при Влада на Република Северна Македонија.“

Вообичаено, во досегашните презентации на неговото творештво акцентот бил ставан на делата препознатливи за неговиот опус. Но останаа и добар дел од неговите дела кои досега ретко или воопшто не се изложувани пред македонската културна јавност. Овој омаж e потсетување на неговото творештво по повод 110 години од неговото раѓање, а воедно и можност за остварување на една ваква намера. Оттука, на изложбата ќе бидат поставени дела во сопственост на институции и приватни лица кои веќе се познати во македонската ликовна јавност, но и дела кои досега не биле изложувани.

Овој проект ќе го претстават трите кураторки: виш кустос Славица Алексоска, виш кустос Маја Неделкоска Брзанова и виш кустос Маја Чанкуловска.