Изложба „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ во Чифте Амам


Во изложбениот простор Чифте Амам од денеска е отворена изложба на фотографии насловена „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“, која ги отсликува убавините на Италија, збирка во сопственост на Архивот Алинари.

Поставката е составена од три секции – пејсажи, дела и лица, и секоја од нив обединува фотографии од крајот на 19-тиот и раниот 20-тиот век. Своевиден времеплов низ пејсажите на Италија, луѓето и уметноста претставени преку објективот на италијанските фотографи, меѓу кои и браќата Алинари, Барбиери, Басилико, Беренго Гардин, Фонтана, Џакомели, Мараини, Пелегрин и Ѕание.

 

Изложбата е резултат на соработката на Амбасадата на Италија во Северна Македонија и Националната галерија.

На отворањето на изложбата најавено е обраќање на директорката на Национална галерија, Дита Старова Ќерими и амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри. Реализацијата на проектот е со поддршка на Министерството за надворешни работи на Италија.

-„Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ е изложба која преку фотографија ги раскажува убавината и разновидноста на Италија, нејзините пејзажи, нејзината креативност и нејзиниот народ. Историја од век и половина преточена во антологија од кадри, со цел да се создаде идеална галерија на портрети и спомени, што ќе посведочат за богатството на земјата и во исто време за извонредната виталност на италијанската фотографија, посочија организаторите.

Според нив, станува збор за избор на дела кој не претендира да ја сумира во целост комплексноста на италијанската фотографија, но сепак се поставува како предизвик и алатка за истражување на естетскиот израз и јазик на фотографите што твореле во период од над 160 години, вклучувајќи дела кои произлегуваат од ателје, пикторијализам, концептуализам, новинарство и уметничко истражување.