Изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска
Во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово вечер ќе биде отворена самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска со наслов „Парадоксот на автентичноста“.
Милена Арсовска е родена во 1985 година во Куманово. Работи како професор по графички дизајн и графички предмети во СОУ „Перо Наков“ – Куманово, насока графички дизајн.
Има завршено Средно уметничко училиште ДСУПУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек графика. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, педагошка насока, насока графика во класата на професор Трајче Блажевски, каде што работи две години како демонстратор по графика и графички техники.

Авторката изработува илустрации за книги, графики, слики, икони, фрескоживопис и графички дизајн. Има учествувано на повеќе меѓународни ликовни колонии, групни изложби, ликовни работилници и проекти.
Проектот е подржан од Министерство за култура и е од годишната програма на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово за 2023 година.
Изложбата ќе биде поставена до 23 ноември 2023 година.