Изложба на музички плакати во Музеј на град Скопје


Во Музеј на град Скопје вечер ќе биде отворена изложба на музички плакати, своевидна ретроспектива на музичкиот живот на главниот град. На изложбата во организација на Баги Комуникации ќе бидат прикажани повеќе од 80 плакати, кои сведочат за најзначајните концерти, фестивали, музички групи и артисти што ја креирале урбаната музичка сцена на Скопје во последните четириесет години.

-Изложбата е уникатна можност да се потсетиме на важни моменти од музичката историја на нашиот град, преку визуелни спомени. Музиката е прозорец во душата на еден град. Оваа изложба е можност да се навратиме на најубавите моменти што ги носи музиката, за да ги оживееме спомените на луѓето, местата и времињата кои ја обликуваа музичката сцена на Скопје, велат организаторите.

Отворањето на изложбата, посочуваат, ќе биде збогатено со настап на пијанистот Бобан Мирковски и гитаристот Мухамед Ибрахими. Исто така, во соработка со неколку средни училишта во Скопје, ќе бидат организирани посети на учениците, со цел младите да се запознаат со музичката историја на својот град и да го почувствуваат влијанието на музиката како важен дел од урбаната култура.

Изложбата е помогната од Град Скопје, ќе биде поставена до 7 декември и е бесплатна за сите посетители.