Изложба на македонски и бугарски уметници во Ловеч


Во организација на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија во соработка со уметничката галерија „Проф. Теофан Сокеров“, синоќа во бугарскиот град Ловеч беше отворена изложба под наслов: „Слобода?!“, на која се претставени дела на 15 современи македонски и бугарски уметници, јави дописникот на МИА од Софија.

Како што информира Втората програма на Бугарското национално радио „Христо Ботев“ изложбата е организирана во рамки на проектот наречен „Поврзување“.

Изложбата опфаќа дела на македонски уметници кои живеат и работат во Софија од неформалната група „Конекција“, Перица Георгиев – Пепси од Скопје, Маријана Иванова од Виница, Зоран Мише од Охрид, Иво Пецов од Виница, Павел Целкоски од Охрид и Марјан Ѕингаров од Струмица, како и на професори и наставници од факултетите за ликовни уметности од земјава.

 

Заедно со македонските колеги, свои дела на настанот изложуваат и бугарски уметници, професори и наставници од Националната уметничка галерија, меѓу кои и Георги Јанков, Свилен Стефанов и Нина Русева.

На изложбата главно се застапени акварели и графики, но можат да се сретнат и други техники и авторски творби на поставената тематска насока – „Слобода?!“

Изложбата, која е поддржана од нашето Министерство за култура, има за цел да ги прикаже новосоздадените дела на најактивните современи уметници од оваа област, како и да ги поврзе уметничките сцени на двете земји.