Изложба на карикатури „На тенок мраз“ од Лазо Плавевски
Изложбата на карикатури „На тенок мраз“ од Лазо Плавевски денеска на пладне ќе биде отворена во Музејот на современата уметност – Скопје.
Лазо Плавевски припаѓа на генерацијата карикатуристи која на културната сцена во нашата земја се појави во 70-те години.
Куратор на поставката е Љиљана Неделковска, која посочува дека изложбата го прикажува творештвото на Плавевски настанато во последните седум години.
-Станува збор за карикатури коишто тој од 2015 година континуирано ги објавува на веб порталот „Окно“, а за чија реализација беше поттикнат од кризната состојба во којашто се најде нашата земја, како резултат на недемократските практики на владеење од страна на владејачките структури (незаконско прислушување, Скопје 2014, изборни манипулации, партизација во сите сфери на општественото живеење), вели Неделковска.
Во овој период објавени се над 500 карикатури, од првите четири карикатури објавени во март 2015, па се до последната серија од 16 карикатури „На тенок мраз!“ објавена во јануари 2022 година.
Изложбата, на која ќе бидат презентирани околу 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури, е извонредна прилика, не само да се согледа творечкиот ангажман на Лазо Плавевски во областа на карикатурата, во којашто тој зазема истакнато и значајно место, туку и да се поттикне и обнови интересот за овој уметнички медиум којшто во последниве децении е речиси доведен до работ на сопственото исчезнување.
Лазо Плавевски (Скопје, 1954) e карикатурист, историчар на уметноста, куратор, ликовен критичар. До 2021 година работи како кустос/ кустос советник во Музејот на Град Скопје. Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби, а како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учество на повеќе групни изложби. Од 1995 до 2009 е редовен соработник и член на редакцијата на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“, издание на Музејот на современата уметност- Скопје.
Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјава и странство. Во 1976 година ја добива наградата Гран при на Светската галерија на карикатури во Скопје.
Во 1995 година ја објавува „Нема книга / карикатури 1990 – 1993“, а во 2001 година заедно со Мирослав Грчев книгата „Картички“. Во форма на каталог/книга во 2009 година публикуван е проектот „Неупотребливи белешки“, а во 2016 година на порталот „Окно“ е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.