Изложба на илустрации од доајенот Димитар Кондовски во Мала станица


Во рамки на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, вечер ќе биде отворена изложба на илустрации на еден од доајените на македонското сликарство, Димитар Кондовски. Изложбата ќе биде отворена во Националната галерија, објект „Мала станица“, под посебен протокол во однос на заштитните мерки против Ковид-19.

Димитар Кондовски (1927-1993) имал грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој се смета за еден од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век.

Меѓународниот фестивал за детска литература и илустрација „Литера“ го организира агенцијата „Ефектива“ од Скопје, со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје и „Халк банка“.

Фестивалот „Литера“ го имаше своето прво издание во април минатата година во просториите на Музејот на современата уметност во Скопје, каде се одржаа многу значајни дискусии, работилници и изложба на илустрации значајни за развојот на квалитетната литература за деца. Поради пандемијата со Ковид-19, годинашното издание на фестивалот е поместено на есен и ќе се одржува од 14 до 18 октомври на повеќе локации, меѓу кои Даут-пашин амам и Мала станица. Годинава фестивалот ќе трае еден ден повеќе, со оглед на тоа што се предвидени богати и интересни содржи за децата и родителите, но и за професионалните илустратори.

На 16 октомври во 19:30 часот во „Europe House“ во Скопје ќе се одржи дебата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“. На оваа дискусија ќе учествуваат: проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф.д-р и писател Владимир Мартиновски, Искра Димковска („Сказнувалка“) и психологот Христина Стефановска.

Во рамките на фестивалот ќе бидат организирани пет работилници на кои ќе можат да учествуваат помал број деца. Доколку дозволат временските прилики, тие ќе се одржат во дворот на Даут-пашиниот амам, а во случај на заладување или дожд, активностите ќе се префрлат внатре.

На второто издание на „Литера“, под наслов „Емоцијата има своја боја“ на 15 и 16 октомври работилница ќе одржи кустосот и едукатор од Националната галерија, Маја Димитрова и вајарката Моника Гошева.

Четири различни работилници ќе се одржат на 17 октомври. „Прочитај ми приказна/прочитај си приказна“ ќе ја води Коста Милков од издавачката куќа „Метаноја“. Во истиот термин од 11 часот ќе се реализира и работилница на тема „Среќни деца денес – подобри луѓе утре“, ќе одржи едукативниот центар „Скампер“ од Скопје.

Искра Димковска од издавачката куќа „Сказнувалка“ ќе одржи работилница инспирирана од сликовницата „Празнина“ од Ана Лјенас. Поетесата Ана Голејшка-Џикова ќе одржи работилница за креативно пишување

На 18 октомври во Даут-пашиниот амам, заедничка работилница ќе одржат „Полица“ и фестивалот „Литера“, на тема „Креирање книжевно дело од деца за деца“.

На 19 октомври, во „Europe House“ фестивалот ќе додели награди за најдобрите македонски изданија меѓу двата изданија. Ќе бидат доделени три награди: за најдобра детска книга, за најдобра илустрација и издание во целина.