Изложба на идејни решенија за новата управна зграда на Општина Центар


Општина Центар денеска организира Архитектонска изложба за идејни решенија за новата општинска зграда. Изложбата ќе се одржи во КСП Центар – Јадро со почеток во 19 часот. 

Како што соопштуваат од Општина Центар, на изложбата ќе бидат презентирани различни архитектонски решенија кои имаат за цел да создадат современ и функционален простор за граѓаните и општинската администрација. 

Пред присутните ќе се обратат градоначалникот Горан Герасимовски, проф. д-р Мишко Ралев и претставници од наградените трудови.

Со изградбата на планираниот нов комплекс, старите бараки ќе се заменат со современ објект. Проектот вклучува изградба на подземен паркинг со околу 300 паркинг места и простор за 100 велосипеди.

Стручната комисија избрала три најуспешни идејни архитектонски решенија од вкупно 13 пристигнати трудови. 

Првата награда е доделена за идејното решение под шифрата „НАМАТ“ на: Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски.

Втората награда ја доби проектот под шифра „ЧКЛАБ“ на ПЛАТФОРМА ДОО Скопје, со авторите: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени.

Треторангирано е архитектонското решение под шифра „СЦЕНА“ на:  Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска.