Изложба на фотографии: “2 Соби, Пандемија и Јас“


Во „Рудиќ Галерија“ вечер ќе биде отворена изложбата на младата фотографка Христина Трајкоска насловена „2 Соби, Пандемија и Јас“, на која ќе бидат прикажани 23 различни концепти и емоции со кои се соочи за време на Ковид пандемијата.

 

Нејзините автопортрети, во кои ги прикажува емоциите со кои сите ние се справивме, се фотографирани во 2 соби, спална и тоалет. Фотографката преку фотографиите ќе долови како се справила со пандемијата, 2 години оддалечена од сите, своето семејство, пријатели и од можноста да го работи она што го сака најмногу – портретно фотографирање.

Таа вели дека на почетокот била оттуѓена од себе и присиленоста да креира сама во тие две соби го гледала како пречка. Со надминување на нејзините изговори, ја вратила довербата во себеси, решила да биде ранлива и за промена таа да застане пред објективот. Се заљубила во самиот процес на креирање автопортрети и ја потврдила лекцијата – единствена пречка до успехот, се нашите мисли.

На овој настан со необични фотографии и музика од акустик дуото Полина Тасева и Иван Петровски, присутните ќе бидат запознаени и со самиот процес на креирање на тие фотографии преку „Behind the scenes” видеа.