Изложба „Мултиоригинал“ на Катедрата по графика на ФЛУ


Катедрата по графика на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) денеска напладне во својот галериски простор во Сули ан ќе отвори изложба „Мултиоригинал“ на која ќе претстави дела од поранешни и сегашни студенти. Од основањето во 1980 година досега, на Графичкиот оддел на ФЛУ, сега Катедра по графика, своето академско образование го завршиле четириесет и една генерација графичари.

– Катедрата по графика во своето депо чува графички оригинални отпечатоци од сите свои студенти од секоја генерација и може да се пофали со најбогатата збирка на македонска графика во државата. Проектот „Мултиоригинал“, финансиски потпомогнат од Град Скопје, е иницијатива и првичен обид за подобра организација и осовременување на депото за графика при ФЛУ. Фотодокументирањето, разгледувањето и организирањето на графичките изблици од минатите генерации студенти, на сегашните студенти им го пренесе ентузијазмот и љубовта кон професијата и ги вовлече во предизвикувачка техничко-ликовна инспирација, соопшти ФЛУ.

Во проектот учествуваат сегашните студенти, а организацијата е на наставниот кадар – проф. д-р Славица Јанешлиева, проф. м-р Ладислав Цветковски и асс.м-р  Ана Спасова. 

Изложбата „„Мултиоригинал“, наведува ФЛУ, ги бележи првичните импресии на учесниците на дел од графиките од своите постари колеги. Изложени се графики од депото на: Кате Биновска, Даниела Андонова, Благица Николова, Надица Златкова, Дејан Стојановиќ, Валбона Муслиу, Жанета Стаиќ, Маргарита Аврамовска, Славица Јанешлиева и Стефан Јакимовски, а до нив графиките на сегашните студенти – Милена Петковска, Марија Симоновска, Марко Печеновиќ, Тамара Марчевска, Евгенија Трајковска, Сара Митковска, Викторија Калемџиевска и Стефан Јакимовски.  

-Сметаме дека Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, односно Катедрата по графика, со својот стар вонвременски објект Сули ан, кој е од непроценливо културно значење, со богатото графичко депо, графичките работилници/ателјеа и малиот изложбен простор може да прераснат во значаен графички центар на државата и место за собир на љубителите на графиката и уметниците – графичари, посочува ФЛУ.