Изложба „Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ во македонскиот КИЦ


Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб денеска ќе биде отворена изложба на македонската графичарка Менче Спировска, насловена „Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“. 

Како што информираат од македонскиот КИЦ во Загреб, изложбата се реализира во рамки на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметност и занаети – Загреб, каде ќе бидат претставени речиси непознати дела за хрватската јавност, создадени во 1950-тите години во Загреб.

– Изложбата насловена ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ за првпат го претставува комплетниот уметнички опус на Менче Спировска создаден за време на нејзиното студирање во Загреб, кој што се чува во фондовите на Музејот на уметности и занаети. Централно место на изложбата е нејзиното до сега неизложено дело од областа на графичкиот дизајн, „Концептуален дизајн за рекламна туристичка брошура на Загреб“, кое сега за првпат ќе биде изложено во целост, создадено за време на нејзините студии на поранешната истакната Академија за применети уметности во Загреб, којашто оставила значаен траг во развојот на уметноста, дизајнот и визуелната култура во Хрватска, стои во соопштението.