Изложба „Културното богатство во марките на Македонска пошта“


Во Музејот на Република Северна Македонија од денеска за посетителите е отворена изложбата „Културното богатство во марките на Македонска пошта“. Изложбата е во чест на Светскиот ден на поштите.

Со изложбата се одбележува формирањето на Светската унија на поштите на 9 октомври 1874 година, со единствена цел да се подигне јавната свест за улогата на поштите во секојдневниот живот на луѓето.

На дваесетина паноа, на изложбата се презентирани стотина марки издадени по различни поводи, тргнувајќи од претставата на резбите во манастирот „Свети Јован Бигорски“, црквата „Свети Спас“, полошкиот иконостасен крст, иконите и фреските од земјава, како и претставите на верските објекти од христијанската и исламската архитектура и уметност. Изложбата, како што се наведува, јасно говори дека оваа земја има со што да се пофали и со тоа дава значаен придонес во градењето на европската и светската култура.

Изложбата поставена во Музејот е реализирана како соработка на Музејот на Република Северна Македонија и Асоцијацијата за култура ИКОН, со поддршка од страна на Министерството за култура и Македонска пошта.