Изложба „Interruption – Intersection“ на Андријана Андреева


Во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје вечер ќе биде отворена изложба на уметницата Андријана Андреева, која е дел од интерактивен мултимедијален и истражувачки проект, насловена „Interruption – Intersection“.

Според уметницата, станува збор за проект кој е еден вид социолошки експеримент. Проектот, како што вели Андреева, се одвива во две фази.

-Во првата фаза се реализираа неколку работилници со лица со интелектуална попреченост. Практикантите интервенираат на мои цртежи и платна а потоа јас на нивните автоматски цртежи. На нивните цртежи се служам со Пареидолија како на гледачот би му ги доближила тие нивни внатрешни чудесни светови. Автоматскиот цртеж, кој е дел од арт терапијата, е дијалог со несвесното. Вториот дел од изложбата е интеракција со публиката, понудени платна на кои може да се интервенира, додава Андреева.

Андријана Андреева е дипломиран социолог, активно присутна во сферата на визуелните уметности, и применетатат уметност, со учество на бројни групни но и самостојни изложби во земјата и надвор.
 
-За своите инвентивни  истражувања кои често имаат и еколошка димензија со  рецијклирање на  најразнородни материјали, таа е автор кој на делата им вдахновува автохтона интерпретација  која здружува обилство на инвентивност, креативност, и специфична поетика на луцидна  имагинација и обилство фантазија, истакна Виолета Калиќ, историчар на уметноста во врска со отворањето на овој истражувачки проект на Андреева.
 
Проектот е поддржан од Министерството за култура, а изложбата ќе биде отворена до 23 септември.