Изложба „Фото-белешки од Норвешка“ од Драган Тодоровски


Изложба на фотографии насловена  „Фото-белешки од Норвешка“ од Драган Тодоровски ќе биде отворена вечер во 19:30 часот во изложбениот салон на НЦУК „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Во текстот посветен на изложбата насловен Носталгија за Северот, амбасадорот Пајо Авировиќ посочува дека патувањето на кое, со својата изложба на фотографии, не повикува авторот побудува чувство на притаена и смирувачка радост.

-Циниците би рекле: во ова време на Ковид 19 секое патување, па и она виртуелно, низ Норвешка, преку фотографиите на Тодоровски, е само по себе причина за радост. Со тоа што во авторската поставка на нашиот врсен фотограф од дарба и дипломат од кариера, нема ни трунка цинизам, туку обилие од убавина, радост и она што на денешниот човек, каде и да се наоѓа, му е насушно потребно – мир… Таа ни ги приближува огромните простори на далечниот Север, потврдувајќи ја старата вистина дека убавината, онаа дадена од Бога и онаа создадена од рацете на човекот, е безвремена и вечна, но само доколку е во симбиоза. Норвешка е секако можеби и идеален пример за сплотување на природата и човекот, но треба да се има дарба, чувство за миг и остро око за да таа симбиоза се овековечи и сподели со другите. Драган Тодоровски успешно го совладува тој предизвик, на наша радост, вели Авировиќ.

Драган Тодоровски е роден 1962 година. Завршил магистерски студии по меѓународно
право и меѓународна политика на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во МНР на Република Македонија е вработен од 1996 година како негов официјален фотограф. Последната деценија работи во Директоратот за билатерални односи со европските држави и е одговорен за земјите од Северна Европа. Во периодот од 2015 до 2018, престојуваше во дипломатска мисија во Кралството Норвешка, извршувајќи ја функцијата Вршител на должност во Амбасадата на Република Македонија во Осло. Оваа изложба е дел од неговите фото-белешки, снимени во тој период.

Тодоровски почнал да се занимава со фотографија за време на студентските денови како член на ФКК „Козјак“ од Куманово. Во тој период станува дел од редакциите на „Студентски збор“ и „Млад борец“ од Скопје. Како слободен фоторепортер соработува со неделниците „Младина“ од Љубљана, „Данас“ од Загреб, „Недељна Далмација“ од Сплит и „Време“ од Белград. Во периодот од 1991 до 1996 е уредник на фотографија во првиот политички неделник во Република Македонија, „Пулс“.

Негови фотографии биле објавувани на страниците на повеќе европски печатени медиуми, меѓу кои: „Политикен“ (Politiken) од Копенхаген, „Афтенпостен“ (Aftenposten) од Осло и „East European Reporter“ од Будимпешта. Соработувал со издавачката куќа „Форест букс“ (Forest Books) од Лондон и Бостон, како и со меѓународни рекламни агенции. Учествувал на повеќе групни изложби и е автор на десетина самостојни изложби на фотографија.

Покрај изложбата предвидена е и фото-работилница и дискусија со авторот на изложбата Тодоровски  в сабота на 17 октомври.