Излезе од печат тријазичното издание на детски сликовници ,,Во светот на палавите афоризмичиња”


Излезе од печат тријазичното издание на детски сликовници со илустрирани афоризми од Миле Ѓорѓијоски. Како што информираше авторот, се работи за две едиции од сликовниците „Во Светот на палавите афоризмичиња” објавени на македонски, турски и ромски јазик.

-Илустрациите од петтото и шесто издание на сликовниците се правени од ученички од деветто одделение од подрачното училиште „Ванчо Китанов” во село Црник, Пехчево. Афоризмите објавени во петтото издание на книгата се на македонски и ромски јазик, мајчиниот јазик на Елиса Асанова. Автор на илустрациите на шестото издание е Едита Кантурова и истите покрај на македонски, се објавени и на турски јазик, мајчиниот јазик на Едита, истакна Ѓорѓијоски.
 
 
Во соработка со ова училиште, афористичарот Ѓорѓијоски реализираше повеќе едукативни предавања, на кои учениците се запознаа со поимот афоризам.
 
-Токму од тие предавања произлезе и соработката и илустрациите направени од ученици, меѓу кои морам да признаам има многу таленти за кои допрва ќе се слушне, додаде Ѓорѓијоски.
 
Промоцијата на едицијата „Во светот на палавите афоризмичиња” како што најави авторот, ќе продолжи и во останатите градови од Истокот.