Излезе од печат стрип албумот „Ægri Somnia“


На македонската стрип сцена деновиве ќе се појави стрип албумот „Ægri Somnia“, на едни од најактивните стрип автори во државата Дарко Богданов – цртеж и Александар Стеванов – сценарио.

Албумот е всушност антологиско збирно издание составено од кратки стрипови со кое се заокружува досегашната соработка на авторите, која е започната во 2012 година, и претставува нивни прв заеднички стрип албум, иако и двајцата автори досега веќе имаат реализирано поголем број стрип публикации.

-Како што кажува и самиот наслов на изданието, кое во превод значи „сон на болниот човек“, алката која ги поврзува стриповите во албумот е преклопувањето на две димензии. Во овие седум кратки приказни се поместуваат границите помеѓу реалноста и сонот, свесното и несвесното, сето тоа претставено на еден по малку надреалистички и симболичен начин, создавајќи една целина, изјави Дарко Богданов.

Стрип албумот е финансиски поддржан од Министерството за култура, како дел од годишната програма од национален интерес, и се очекува наскоро да се појави во продажба.