Излезе од печат „Слободата на стихот“ од Сузана В. Спасовска


Излезе од печат книгата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од авторката Сузана В. Спасовска, како самостојно издание. Книгата е поддржана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес за 2021 година.

Студијата претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во далечната 2002 година. Рецензенти на изданието се професорите Венко Андоновски и Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет. Во рецензијата за оваа книга меѓу другото може да се прочита и следново: „Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканскиве, и потесно на македонските простори и второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата, туку за филолошката наука воопшто“.

Книгата содржи 270 страници во кои се проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап се прави обид да се дефинира слободниот стих, да се категоризираат неговите карактеристики и да се типологизираат видовите слободен стих. Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих.

Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила шест стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), „Пеперутка од пепел“ (2018, самостојно издание) и „Јазикот на светлината“ (2020, Македонија презент).