Изјавите на папата Франциско за хомосексуалците се извадени од контекст, појаснува Ватикан

Ватикан денеска соопшти дека коментарите на папата Франциско за закон за граѓански заедници се извлечени од контекст и оти не навестуваат промена на црквената доктрина за хомосексуалците ниту поддршка за истополовите бракови.

Папата во документарниот филм „Франциско“ минатиот месец изјави дека хомосексуалците имаат право да бидат семејство и оти треба да бидат заштитени со законите за граѓански заедници.

Либералите ги пофалиија таквите ставови, додека конзервативците побараа од папата Франциско итно да ги појаси своите изјави.

Државниот секретаријат на Ватикан минатата недела испрати објаснување до своите амбасадори, што го проследија до бискупите, а во кое се наведува дека тоа се две одвоени изјави, кои се одговор на две различни прашања, исечени се да изгледаат како една, а избришани се прашањата и изгубен е контекстот.

Во нотата што прв ја објави биографот на папата, се наведува дека Франциско во првата изјава зборува за правата на хомосексуалците во семејството да бидат прифатени како деца и роднини, а некои тоа го протолкуваа како право на хомосексуалците да формираат свои семејства.

Според Римокатоличката црква хомосексуалните склоности се грев, но дека кон хомосексуалците мора да се почитуваат.

Документарниот филм „Францсико“, што на 21 октомври беше премиерно прикажан на фестивал во Рим е на режисерот Јевгниј Афиневски и е посветен на изминатите 7,5 години откако Франциско стана папа и неговата работа за заштита на животната средина, сиромаштијата, миграцијата, расната и социјална нееднаквост.

– Тие се деца на Бог. Не можете некого да го исфрлите од семејството ниту поради тоа да го направите нивниот живот беден. Тоа што мораме да го имаме е закон за граѓанска заедница, на тој начин тие се законски покриени, посочи папата Франциско.

Во филмот е прикажано како папата охрабрува двајца геј мажи да доаѓаат на миса заедно со нивните три деца.

Во долгометражниот документарен филм прикажан е и односот на папата кон обвиненијата за сексуално злоставување во Римокатоличката црква.