Изјавата на холандскиот амбасадор за Османи не е критика, туку судир на концепти

Министерот смета дека сме премногу мали и сами за да успееме во реформите за владеење на правото без преговорите со ЕУ и дека холандски пристап е обид за релативизирање на притисокот за проширување


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја релативизираше денес критиката на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп упатена до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена од постојаниот пад во владеењето на правото и дека Холандија ќе реагира.

Тоа што беше директна критика на мешањето на политиката во судството Османи го протолкува како судир на концепти со амбасадорот, на средбата што генерално ја оцени како „срдечна“.

Османи притоа избегна да одговори дали критиката била директно упатена до ДУИ и меѓу редови одговорноста за нашето заостанување во реформите го префрли на Хаг, со оценката дека неоправданото вето за Македонија во 2019 година довело до ваква ситуација со евроинтеграцијата.

Па место на судството, Османи се фокусираше на ЕУ процесот, тврдејќи дека разликата во концепти е околу тврдењето на амбасадорот дека Македонија може и без ЕУ да ги направи реформите околу владеењето на правото, а Османи смета обратно – дека сме премногу мали и сами за да го успееме тоа без преговорите со ЕУ и дека ваквиот холандски пристап е обид за релативизирање на притисокот за проширување. 

Според Османи, холандскиот амбасадор во континуитет го кажува ова и во изјавата од вчера нема ништо ново.

„Ова е продолжување на ставот на холандската амбасада којшто го кажа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа. Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме суштински две концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некој тоа го чита како комплимент, од друга страна некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве некој може да каже злонамерено дека Холандија е позната по немање на расположение за проширување“, рече Османи.

Место европски стандард за владеење на правото без преговори со Унијата, во Македонија оцени тој можеме да постигнеме само „некаков балкански стандард“.

„Не можеме, тврдам, не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување на тој европски стандард. Така што, тука прашање е кој е постаро, јајцето или кокошката, дали причината што сме блокирани не можеме да постигнеме европски стандард или тоа што не постигнуваме европски стандард е причина што не можеме да се движиме кон ЕУ. Мислам дека има тука многу сиви зони. И има една разлика исто така, а тоа е дека ставот дека има политичко влијание врз судството од наша страна повеќе сметаме дека има одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата коишто се многу опасни од кое било евентуално политичко влијание“, оценува Османи. 

Инаку, во својата објава холандскиот амбасадор вчера беше уште поконкретен, оценувајќи дека е  неприфатливо и несоодветно политичко влијание врз претседателката  на Врховниот суд, Беса Адеми, и дека тоа ќе предизвика силна реакција од Холандија, што е директна порака до ДУИ да престанат нивните политички игри таа да се тргне од функцијата.

Место да го искоментира тоа, Османи порача генерално дека средбата на холандскиот амбасадор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, била со цел да се побара поддршка од партијата за борбата против корупцијата.

За изјавата на холандскиот амбасадор се огласи и премиерот Димитар Ковачевски: 

„Во ред е ставот на амбасадорот. Но, сметам дека ако има притисок, тој треба да се каже со име и презиме“, рече Ковачевски.

За падот на владеењето на правото Ковачевски упати да се прашаат тие кои што се задолжени за владеењето на правото.