„Изи Џет“ откажа 1.700 летови среде летната сезона
Британската авиокомпанија „Изи Џет“ (EasyJet) откажа 1.700 летови од јули до септември, а во соопштението посочи дека е принудена на тоа поради штрајкот на контролата на летање (ATC) во Европа и последиците од затворањето на воздушниот простор поради војната, меѓу Русија и Украина.
„Изи Џет“, како што објави Скајњус (SkyNews), негираше дека го повторила минатогодишниот проблем, кој беше поврзан со недостаток на персонал по пандемијата.
Откажаните летови на „Изи Џет“ претставуваат два отсто од летниот распоред на летови на компанијата, што влијае на околу 180.000 клиенти, а „консолидацијата“ на летовите главно се однесува на полетувања од лондонскиот аеродром Гетвик, пренесува Бизнис.рс.
За 95 отсто од патниците чии летови биле откажани, алтернативни летови веќе биле резервирани, а можеле и да ги пререзервираат патувањата или да добијат рефундирање.
„Изи Џет“ се извини за непријатностите предизвикани на патниците.