„Изи џет“ одбил понуда за преземање од „Визер“


Британската нискобуџетна авиокомпанија „Изи џет“ („EasyJet“) објави дека ја одбила понудата за преземање и дека средствата во износ од 1,7 милијарди долари, кои и се потребни за да ја зајакне својата позиција на европскиот воздухопловен пазар, ќе се соберат со продажба на акции со првенствено право на купување.

Компанијата не објави кога добила понуда за преземање, но соопшти дека понудената цена за преземање на сите акции во основа ја потценила нејзината вредност, и дека потенцијалниот купувач тогаш рекол дека повеќе не е заинтересиран за зделката.

Ројтерс наведува дека дознал од добро информирани извори дека понудата ја поднела унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“, која одбила да коментира, пренесува Банкар.ме.

Извршниот директор на британскиот авиопревозник, Јохан Лундгрен, им рече на новинарите дека понудата е многу условена по својата природа, што ја прави многу неизвесна во однос на изводливоста.

Авиокомпанијата, исто така, објави издавање акции со цел да се зајакне билансот на состојба доколку продолжи негативното влијание на „Ковид 19“ врз бизнисот, а средствата ќе бидат искористени за подобрување на конкурентноста при очекуваното закрепнување на европскиот воздушен сообраќај во наредните години, на пример, со проширување на присуство на клучните аеродроми со купување повеќе слотови.