Изгравиран револвер за секој лидер на НАТО, подарок од Ердоган. Давкова нема да го пипне
Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им подари на секој лидер на НАТО гравиран револвер со нивното име и кутија со боева муниција по самитот на алијансата во Анкара. Ердоган, исто така, му даде на секој лидер писмо со кое се откажува од извозните контроли на Турција за оружјето за да им се дозволи да го изнесат од земјата, објави „Мета“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова нема да го користи револверот што како подарок го добила од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ниту ќе има каков било контакт со него, потврдија за „Слободен печат“ од нејзиниот Кабинет.Подарокот, според информациите од Кабинетот, е примен преку државниот протокол и преку дипломатска пошта, а согласно процедурите ќе биде донесен во Скопје. Оттаму посочуваат дека револверот ќе биде соодветно евидентиран во Кабинетот на претседателката и дека со него ќе се постапи според Законот за оружје.
Подароците за лидерите на НАТО во минатото обично биле поконвенционални. Во 2016 година, на самитот на НАТО во Варшава, официјалните подароци вклучуваа шишиња традиционална полска вотка со мед, локални чоколади и поштенски марки. Две години претходно, кога Велика Британија беше домаќин на самитот во Њупорт, Велс, светските лидери, вклучувајќи го и Барак Обама, добија волнени чорапи, шишиња виски „Пендерин“ и велшки вафли.
Дводневниот самит, кој започна во вторникот, ги собра лидерите од сите 32 земји-членки на НАТО, вклучувајќи го и Доналд Трамп. Во своите завршни зборови на самитот, американскиот претседател го пофали Ердоган опишувајќи го како „одличен човек, голем лидер и мој пријател“. Тој рече дека турскиот претседател е силна личност додавајќи дека затоа тој води толку голема земја.

Трамп, исто така, ја пофали огромната љубов и единство меѓу лидерите на НАТО на самитот и покрај тоа што го доведе состанокот во хаос неколку часа претходно барајќи САД да ги прекинат трговските врски со Шпанија. Тој го опиша Мадрид како ужасен партнер во НАТО и ги критикуваше сојузниците за тоа што не ја поддржаа војната против Иран. Трамп првично вети дека ќе ѝ продаде борбени авиони Ф-35 на Турција, иако подоцна рече дека не донел целосно одлука откако Грција и Израел го критикуваа предложениот договор.
Од Македонија на самитот, покрај претседателката Гордана Силјановска-Давкова, учествуваа и министрите за одбрана и за надворешни работи, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, но и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шеќеринска.