Изграден најголемиот замок од песок на планетава како симбол како короната ги угнетува луѓето


Замокот е висок 21 метар и тежи 5.000 тони

Најголемиот замок од песок во светот, висок 20 метри и тежок околу 5.000 тони, е изграден во крајниот северозапад на Данска, објавија неговите градежници во средата.

Висок 21,16 метри и богато украсен, тој е подолг за 3 метри од замокот изграден во Германија во 2019 година, кој досега го држеше Гинисовиот рекорд со своите 17,66 метри.

Лоциран во одморалиштето Блокхус, на северниот врв на Јутланд, замокот бил изграден во форма на пирамида за да не пропадне, што е метод што го користат експертите во кревки згради.

Неговиот творец, Холанѓанецот Вилфред Штајгер, кому му помагаа триесетина најдобри градители на песок во светот, сакаше да ја покаже моќта на корона вирусот во светот уште од почетокот на пандемијата.

„Вирусот владее со нашиот свет, ни кажува што да правиме и не спречува да бидеме со семејството и пријателите“, рече Штајгер.

Вкупно 4.860 тони дански песок беа искористени за изградба на замокот, што можеше да се подигне благодарение на дрвената конструкција скриена внатре.

За да не се распрсне песокот, тој содржи приближно 10 проценти глина. По завршувањето на изградбата, се нанесе слој лепак за замокот да трае поголемиот дел од зимата на тој ветровит брег.

На врвот на замокот има корона вирус од песок кој ги угнетува луѓето и тие прават сè за да го победат, објасни уметникот.

Градителите очекуваат замокот да издржи тешки мразови и да трае до февруари или март.

Конструкциите од песок станаа традиција во Блокхус и скулптурите обично траат до јануари.