Изградбата на новиот клинички центар е приоритет, но пари нема
Министерот за здравство Беким Сали денеска во изјава за медиумите рече дека изградбата на новиот клинички центар за него како министер останува приоритет, но дека не е можна негова реализација во моментот поради немање најдобро финансиско решение.
– Тоа е комплексен проект кој бара неколку решенија меѓу кои и финансискиот дел. Поради немање на најдобро финансиско решение за реализација на овој проект, продолжуваме со реновирање и адаптирање на постоечките клиники се до моментот кога ќе се заокружи мозаикот неопходен за реализација на таков капитален проект, изјави Сали.
Прашан дали тоа е можно да се реализира во овој мандат, Сали рече дека е оптимист.
Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ветуваше клинички центар уште од 2011 година, а во 2014 година тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров сечеа црвена лента за да го означат почетокот на градбата. Од тогаш остана само ископана дупка на местото на старата Клиника за гинекологија. Последен обид за почеток на градба, ВМРО-ДПМНЕ направи на десетина дена пред напуштањето на власта, кога потпиша договор со фирмите Гранит, Бетон и една италијанска компанија за изграба на нов клинички центар на местото на сегашниот во вредност од 72 милиони евра.
СДСМ, по доаѓањето на власт во 2017, исто така најави дека ќе гради нов клинички центар. Наредната 2018 година, власта соопшти дека одлучила тој да не биде на постојната локација во центарот на Скопје, туку на периферијата на градот, во селото Бардовци, каде што ќе се гради од нула. Предлог-законот за изградба на Клиничкиот центар беше доставен до Собранието пред крајот на минатата година, но е затрупан со 2000 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се противи на проектот. Според нив се работи за потенцијален криминал на несоодветна локација без да се знае колку точно ќе чини.
Во меѓувреме, предвидената цена на чинење порасна од околу 70 на околу 500 милиони евра.
Сегашниот министер, Сали, има нов амбициозен план за клинички центар за кој најави дека се разгледуваат три нови локации, а една од опциите е поранешната касарна „Илинден“.