Изградбата на мали електрани да се темели на стручни анализи, велат од Групацијата на обновливи извори на енергија


Дали да се градат мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови – одговорот на ова прашање не може да биде едноставен, особено ако се земе предвид дека вакви примери постојат во европските земји. Но, таму за секој проект се прави анализа на влијанието, се оценува влијанието врз локацијата и не се оди со ад-хок решенија, истакнаа учесниците на денешната прес-конференција што ја организира Групацијата на обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Македонската енергетска асоцијација.

Според Групацијата, решавањето на евентуалните проблеми со малите хидроелектрани и стратегијата за нивната иднина во земјава, мора да се базираат на аргументација, позитивни практики и стручни анализи од сите засегнати страни: инвеститорите, институциите, граѓаните и еколошките здруженија.

Одлуката или одговорот на прашањето дали да се гради мала хидроелектрана на одредена локација не треба да се носи еднострано и ад-хок, смета ГОИЕ, туку треба да се темели на балансирање меѓу потребниот развој и заштитата на животната средина.

Како што рече Самоил Целески од ЕМК „Мали хидроелектрани“, малите електрани досега беа презентирани како штетни и непотребни проекти, посебно во сегментот на изградбата, од аспект на загуба на шуми и биодиверзитет, бариери на реките или ерозии.

– Не ги исклучувам случаите на непочитување на регулативата и несовесна градба кои можат да им нанесат штета на екосистемите. Од друга страна, не можам да прифатам дека таквите негативни примери треба да станат генерален атрибут за малите хидроелектрани и да им се припишат како „фабричка маана“, истакна Целески.

Во однос на најгорливото прашање – изградбата на мали хидроелектрани во национални паркови, Целески потенцира дека такви примери има многу во европските земји. Само во најголемиот национален парк во Австрија, посочи, има преку 30 мали хидроелектрани. Кај нас, пак, досега, седум електрани се во националните паркови и три се во подготовка што во густина значи девет мали хидроелектрани на 1.000 квадратни километри.

– Со добри градежни практики, влијанието на малите хидроелетрани врз животната средина може да се сведе на минимум. Три хектари е градежниот отпад при градење една просечна мала хидроелектрана. До денес имаме околу 100 мали хидроелектрани, а тоа значи 300 хектари површина зафатена со нивната градба, што е минорна бројка. За споредба, ЈП „Македонски шуми“ користи 10.000 хектари годишно за легална сеча. Од друга страна, малите хидроелектрани не ја носат водата никаде, туку ја испуштаат во реката. Точно е дека постои променет режим на протекување на реката, но тоа е законски контролирано и дефинирано. Биолошкиот минимум мора да се почитува, истакна Целески.

Одговорајќи на новинарско прашање, Целески објасни дека водата што влегува во електраната поминува само низ турбина, па нејзиниот состав по излезот е ист. Дури, рече тој, водата е збогатена со кислород, а може да се користи и за пиење ако претходно била со таков квалитет.

Малите хидроелектрани, дополни Целески, не мора да се градат на природни води, може и на вештачки акумулации и водоводи. Во земјава, како што информира, од 90 мали хидролектрани, една третина или 22 се во рамки на водоводи, а девет се на хидросистеми.

– Во Италија, Франција, Швајцарија, Германија, Австрија и Словенија има преку 16.000 мали хидроелектрани што е 1:4 или 1:5 во споредба со нашата земја. Словенија со речиси иста површина како нашата и речиси еднаков број жители има четири пати повеќе мали хидроелектрани од нас, подвлече Целески, предочувајќи дека глобалното затоплување во моментов е голема закана и ќе биде императив за човештвото во наредниот период, а малите електрани придоенсуваат за редукција на јаглеродниот диоксид.

Друга придобивка од малите електрани е и рамномерниот развој, подобрувањето на локалната економија, како и анагажирањето домашни компании и експерти.

Како што рече Александар Дединец, научен соработник во Истражувачки центар за енергетика и одржлив развој на МАНУ, вкупно 2.500 нови работни места се очекува да бидат отворени од малите електрани до 2030 година во земјава, од кои 75 отсто би биле од соларните електрани.