Изготвена е првата Карта за визуели правила на летање во државава


Изготвена е првата Карта за визуели правила на летање (VFR) во државава чија цел е да се олесни летањето на корисниците на воздухопловните услуги во рамки на нискиот воздушен простор.

Картата претставува значителен напредок во подигнувањето на безбедноста на воздушниот сообраќај на македонското небо, истакнал директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) Томислав Тунтев вчера при врачувањето на картата на претставниците на воздухопловната индустрија од министерствата за внатрешни работи и за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Давателот на услуги на воздухопловна навигација, „М-НАВ“ АД Скопје, Комитетот за истрага на воздухопловни настани и сериозни инциденти, Воздухопловната федерација, како и на преставници од македонските аероклубови.

 

Реализација на проектот, траеше повеќе од две години. Во иднина, како што најавуваат од АЦВ, планирано е да се овозможи и ноќно летање со користење на визуелните правила.

Во Зборникот на воздухопловни информации ќе бидат објавени сите релевантни информации во врска со VFR летањето на македонското небо и користењето на спортските аеродроми.